Press "Enter" to skip to content

На Технички факултет предавање, како експертите го гледаат РЕК “Битола“ во иднина (фото)

Денешното предавање на тема „Очекувани правци на развојот на енергетиката во светот и кај нас – Нови предизвици и можност за РЕК Битола“ го одржа академик, Глигор Каневче.

На предавањето  присуствуваше градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, како и  високи претставници од академската јавност, директорот на РЕК Битола м-р Васко Ковачевски, останати раководни лица во овој комбинат, директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски, професори и студенти.Академик Глигор Каневче, професор емеритус на универзитетот „Св. Климент Охридски“, на Техничкиот факултет во Битола во своето предавање истакна дека имајќи ги во предвид тековите во ЕУ, но и енергетските регулативи чиј потписник е нашата земја, ќе мора да се прилагоди на брзорастечкиот и променлив енергетски систем. Насоката на ориентација пред се треба да бидат обновливите извори на енергија, големите хидроелектрани, фотонапонските ќелии, чија цена постојано опаѓа и ветерните електрани.Според него, останатите извори на енергија полека ќе се намалуваат, вклучувајќи го и природниот гас, чија употребливост по 2045 година ќе опаѓа.

Градоначалничката Петровска, активно беше вклучена во дискусијата и се интересираше за можните енергетски чекори на Општина Битола.Каневче сепак, упати апел, термоелектраната РЕК, во соработка со Општина Битола, ЕЛЕМ и Владата, во следните десет години да преземе мерки за преориентација на производството на електрична енергија преку други извори, а притоа да го запази моментот на истиот број на вработени лица во комбинатот.