Press "Enter" to skip to content

Библиотеката ги пренесе пораките на Милчо Манчевски и Одре Азуле директор на УНЕСКО

По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право НУУБ “Св. Климент Охридски“ до своите редовни читатели ги пренесе пораките по повод овој ден на Милчо Манчевски, режисер, писател, фотограф и г-ѓа Одре Азуле (Audrey Azoulay), генерален директор на УНЕСКО, кои ви ги пренесуваме во целост.

Порака на Милчо Манчевски, режисер, писател, фотограф

11 Јуни 1967. Мојата прва школска година заврши вчера. Прв ден од летниот распуст. Нема школо три месеци. Другарите се радуваат.

Иако не морам да одам на школо, дедо ми ме буди сабајлето. Си сакав да одам на школо. Не научив да читам и пишувам на школо  – знаев да читам и пишувам и кирилица и латиница од четири години, две-три години пред првиот школски ден.

Заправо, јасно се сеќавам на тој прв училишен ден. Татко ми и јас седиме на десната страна во училницата со другите ученици и родители, ја чекаме учителката. Досадно ми е и земам „Нова Македонија“, вртам кај крстословката и почнувам да ја решавам.

Девет месеци подоцна, школската година заврши и другарите одат да играат фудбал. Јас не одам со нив. Наместо тоа, тргам на пат многу долг за едно дете на седум години. Одам сам. Одам дури до Поштенска гаража. До таму ми требаат добри дваесет минути. Не одам таму за поштенските камиони. Одам за малата дрвена барака паркирана пред гаражата. Внатре има книжарница и долго време ги разгледувам книгите на полиците. И најпосле го бирам „Аловото цвеќенце“ од Сергеј Аксаков, книга според стара руска сказна. Уште ги паметам корицата и форматот. Ја гушкам книгата и ја носам дома со пеперутки во стомакот. Ми требаше книгава да го пребродиме летниот распуст. Или барем да биде првата од многуте книги кои го прават летниот распуст.

Не е само дека ми се допаѓаа книги или дека сакав книги. Ми требаа книги онака како што на птица и треба воздух или на тревка ѝ треба сонце.

Знаеш, мајка ми умре четири месеци пред да тргнам на школо. Не се сеќавам на точните чувства кога разбрав дека умрела, ама мислам дека неверица и беспомошност секако беа дел од нив. Како наеднаш да ме беше понела водата и не можам да се закотвам. Ни татко ми, ни бабите и дедовците не можеа многу да помогнат, колку и да се обидуваа.

Ама, имаше еден свет што ми помогна да си го најдам местото – книгите. Книги, стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубојци и индијанци, секакви книги… Со саати, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ги живеев книгите во вистинската смисла на зборот. Со саати ќе мислев за тоа што значи некоја реченица и како се поврзува со она што веќе го знаеме во приказната. Или ќе го замислував светот надвор од квадратите на стрипот, обидувајќи се да поврзам цртеж со цртеж. Развивав цели предистории за приказните и луѓето што ги населуваа книгите кои ги читав, знаев што се случува во градчето таму надвор од пенџерето на хотелската соба над салунот во цртежот од стрипот или што ќе му се случи на Том Соер откако ќе заврши книгата.

 Книгите ми помогнаа да си ја повратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата која се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо.

И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега.

 

Порака на г-ѓа Одре Азуле (Audrey Azoulay)

Книгите, прозорци кон нашата душа, се воедно и пат кон заемното почитување и соработка меѓу луѓето, независно од границите и различностите.

 Во овие турбулентни времиња книгите ја одразуваат различноста на човечкиот гениј, давајќи сила на богатството на човечкото искуство, искажувајќи ја потрагата по значењето кое ни е блиско и кое ги движи напред сите општества.

Книгите овозможуваат да се соедини човештвото во една фамилија, споделувајќи го минатото, историјата и културното наследство, со цел да се изгради една заедничка иднина каде што сите гласови се слушаат во еден хор со човечки здив. Книгите се наши сојузници во ширење на образованието, науката, културата и информацијата насекаде во светот.

Книгите се исто така форма на културно изразување кое им дава живот на јазиците и се изразува преку нив. Секоја книга е создадена на посебен јазик, наменета за своите читатели. Така секоја книга е напишана, произведена, разменета, искористена во дадена лингвистичка и културна рамка. Оваа година акцентот е ставен токму врз овој важен аспект, бидејќи 2019 година е прогласена за Интернационална година на автохтоните јазици, поддржана од УНЕСКО, за реафирмирање и поттикнување на меѓународната заедница да им помогне на автохтоните народи да ги сочуваат својата култура, своите знаења и своите права.

 Овој ден е добра можност заедно да размислиме како подобро да ја шириме писмената култура и да му овозможиме на секое живо суштество, мажи, жени и деца, пристап до неа.

Со ваков дух на инклузија и дијалог е анимиран градот Шарјах во Обединетите Арапски Емирати, престолнина на книгата во 2019 година. Неговото назначување се активира на денешниот Светски ден на книгата и на авторското право за 2019 година. Шарјах го привлече вниманието со својата програма „Читајте, вие сте во Шарјах“, којашто е наменета за маргинализираните групи за кои е подготвена креативна програма, со цел да се поттикнува  популацијата со емигранти за да се вклучи во општеството во креативноста и во почитувањето.

Со Шарјах, со нашите партнери, Меѓународната унија на издавачи, Интернационалната федерација на книжари и Меѓународното здружение на библиотекарски асоцијации и библиотеки ИФЛА  и со целата меѓународна заедница, треба да се соединиме, да ги славиме книгите во кои е изразена креативноста, желбата за размена на идеи и сознанија со цел шириње на разбирањето, дијалогот и толеранцијата. Ете тоа е пораката од УНЕСКО на овој Светски ден на книгата и на авторското право.

More from КултураMore posts in Култура »