Press "Enter" to skip to content

Денес е Велик петок, најтажниот ден за христијаните, денот на Христовото распнување и погребение

Денеска православните христијани го одбележуваат Велик петок, денот на најстрогиот пост, кој уште се вика и Распет петок, зашто на тој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во христијанската религија, а тоа е денот кога Исус Христос бил распнат на крст, за да ги искупи гревовите на човештвото.

По Тајната вечера, ноќта меѓу Велики Четврток и Велик петок. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин изјавува дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков грев Римјаните морале да го казнат сторителот.

Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал “Распни го! Распни го!”. Затоа откако ја изрекол пресудата, Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.

На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ.

Но, се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката.

На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”.

Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обистиниле Исусовите зборови дека “и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог”.

Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син.

Јосиф  отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат.

Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото. Во овој ден од Страсната седмица Божјиот син е погребан во камен саркофаг во пештера, пред која се поставува огромен камен.

На утринската служба се читаат дванаесет извадоци од Евангелието, кои раскажуваат за страдањата на Исус Христос.

Во овој ден од Страсната седмица постот е особено строг: црквата наредува да не се јаде и пие вода. На Велики петок не се служи Света Литургија, а се вршат царските часови. Вечер во храмот се потсетуваат и соживувањето Христовите страдања, неговата смрт и погребот.

Пред почетокот на службата, на специјално издигнато место во средината на храмот, се крева симболичен гроб, украсен со цвеќиња, а на престолот се става – платно, со кое симболично било завиено мртвото тело на Христос по негово симнување од крстот. Христијаните се поклонуваат и протнуваат под платното, симболично преживувајќи го моментот на смртта и погребот на Господа.

На Велики петок бијат дрвени ѕвона, односно клепала, а камбаните не ѕвонат до недела, кога првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.

За време на вечерната богослужба платното се извезува од олтарот и се врши посебно богослужение, наречено Христово опевување. Песнопенијата се посветени на страдањата и смртта Христови.

Во петокот никој не се осврнува на каква и да е работа.