Press "Enter" to skip to content

Денес се слави Велики четврток и чудесната моќ на првото вапцано јајце – симбол на воскресението Христово

Христос безгрешниот Спасител на светот, страда заради нас грешните, доброволно – од љубов кон нас. Ние, пак, треба да покажеме побожност и благодарност. Да не бидеме предавници како Јуда и отстапници од Господа, ниту богопротивници како оние што Му судеа на Бога, туку да се поклониме пред долготрпеливиот Господ и Спасител Исус Христос.

Денес е Велики четврток, ден кога се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија.

На Велики четврток си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.

Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („…Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам…“, Јован 14, 13 – 14).

До Велика среда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Велики четврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христа Спасителот. Тогаш се испомешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христа, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога.

Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и ги толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.Вапцување на првите 3 јајца и моќта на првото

Првите три јајца се вапцуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години.

Старите адети кажуваат дека в зори на Величетврток треба да се вапса барем едно црвено јајце. Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката.

За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.

Сепак и во вапсувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Величетврток, домаќинката или кој било што ги вапсува јајцата ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата со зборовите: “црвено, бело, дебело“!

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.