Со смотра на бригадирите заврши дводвевното дружење на бригадирите кои пред 40 години ја градеа браната “Стрежево“, кои заедно поминаа незаборавни два дена.
На смотрата која се одржа во дворот на студенсткиот дом “Кочо Рацин“ во Битола бригадирите ги поздрави првиот командант на работната акција “Стрежево 79“ и претседател на Здружението „Волонтери – Пелистер“ – Битола, Душко Јанкуловски, кој ги потсети на времето кое го поминаа за време на акцијата, во работа, во дружење, во одржување на разни курсеви, а ги потсети некои за љубовните врски кои се случиле во тоа време.
Гостите во име на Општина Битола, ги поздрави, заменик-градоначалникот, Емилија Костурска , која им посака уште многи вакви средби и оваа дружба и сеќавање на минатото да биде повод за друго младинско дружење.
За културно-забавниот живот на оваа смотра се погрижи Војче Китановски.
Бригадири од Скопје, Куманово, Штип, Велес, Крива Паланка, Охрид и Битола, собирајќи се во дворот на Општина Битола, повторно, после 40 години потсетија на значењето на младинското работно ангажирање, но и големите резултати создавани низ таквиот начин на волонтерство.
Денешните активности започнаа во Општина Битола, каде градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, придружувајќи им се на големите ентузијасти – акцијаши, им честита за несебичната ангажираност, посакувајќи нивниот пример да биде дел од живеењето на денешните генерации, кои преку волонтерството ќе создаваат трајни вредности, во насока на подобрување на општественото живеење и изградбата на подобра иднина за нашата држава.
Денешното присуство на голем број млади луѓе помеѓу бригадирите, потврдува дека спојот помеѓу младоста и искуството, е носечки столб на иднината. Токму во оваа насока, зборува и фактот што младинското волонтерско ангажирање пред 40 години, придонесе да се создаде ХС Стрежево, кој денес е од огромно значење за овој регион, учествуваше во изградбата на „Патот на младоста“, но создаде и многу други капитални објекти, чии бенефити и денес ги чувствуваат сегашните генерации, а се во интерес и на оние кои доаѓаат.
Обединувањето на бригадирите, денес продолжи со посета на браната „Стрежево“, во чија изградба учествуваа пред 40 години, посета на некогашната бригадирска населба „Ниже Поле“, дружење низ Широк Сокак, а низ разгледување на изложбата на фотографии од младинската акција „Стрежево“ во Завод и Музеј, се направи уште една прошетка низ спомените исполнети со емоции, ентузијазам и желба за заживување на вредностите од минатото.
Здружението „Волонтери – Пелистер“ – Битола, со ваквите активности поттикнува кон создавање на нова доброволна младинска бригада која ќе ја продолжи традицијата на развивање љубов кон волонтеризмот, општествено корисното ангажирање и младинскиот придонес за подобро утре.

Со смотра заврши дружењето на бригадирите од МРА “Стрежево 1979“ (фотогалерија)
More from ВестиMore posts in Вести »
- “Генерал Филм Студио“ со награда за најдобар спот на “Netët e Klipit Shqiptar“ во Тирана (фото)
- Членовите на Сојузот на борци од Битола и годинава го испочитуваа Маршалот Тито
- Од полноќ ново поскапување на горивата, дизелот +2,5 денари, бензинот +2 денари
- Од 7 до 9 мај во Битола нов градски фестивал посветен на виното (фото)
- Спортска академија Битола со предавање за спортската психологија како предуслов за успех во спортот (фото)





