Пред граѓаните на Битола беа претставени опремата, постапките и процедурите што се користат при спроведување на вежбата, како и дел од вештините на војниците учесници на вежбата.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во Битола присуствуваше на отворениот ден за граѓаните со учесниците на воената вежба „Одлучен удар“, најголема воена вежба досега организирана во Република Северна Македонија.
Покрај Пендаровски присутни беа и началникот на Генералштабот на АРСМ генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, в.д. амбасадорката на САД Михаела Швајцер-Блум, градоначалничката Наташа Петровска и други високи претставници.
Битолчани проследија активности, демонстрација на боречки вештини, извлекување со хеликоптер со користење на техника “Грозд“, алпинистички вештини при евакуација на повредени цивили од висококатница во изведба на припадници на полкот за специјални операции, како и прелет на хеликоптери.
-Имавме прилика денеска во Битола да видиме дел од опремата, вооружувањето, па и дел од персоналот војници и старешини кои учествуваа на вежбата која во изминатите месец и половина се одвиваше на воениот полигон „Криволак“. Тоа е најголема воена вежба во историјата на нашата земја, со околу 2.700 војници вкупно. Тука ми е посебна чест што имаше и припадници на американскиот контигент, од кои околу 40 проценти беа во составот на таа мултинационална вежба. Значи над 1.200 американски војници имавме на наша територија, што е само показател дека стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави трае, успешно е, ефикасно е, и со нивна помош очекуваме до крајот на годината да ја постигнеме и формално најголемата стратешка цел која ја имаме зацртано уште во деведесетите, а тоа е полноправното наше членство во НАТО алијансата, изјави претседателот Пендаровски.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, оцени дека во градот се случи голем наста и јавно се заблагодари што беше овозможено да биде домаќин на претставници на армиите од САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора.
Пендаровски прашан кога очекува ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на САД, претседателот Пендаровски рече дека очекувањата се до август или почетокот на есента да се заокружи процесот.
-Ветувањата се дека во американскиот конгрес ратификацијата ќе помине слично како што помина ратификацијата за членство на Црна Гора во 2017 година. Значи, од 100 сенатори во тоа време, 98 гласаа За, еден само беше против, еден беше отсутен. Не уверуваат дека за нас ќе биде најмалку 99 За и еден евентуално може да биде против или воздржан, изјави претседателот Пендаровски, појаснувајќи дека процесот на ратификација е од технички, а не од политички карактер.






