Press "Enter" to skip to content

Денес е празник на големите господови лекари, Светите врачи Кузман и Дамјан

На иконата светите врачи Кузман и Дамјан секогаш се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите. Именден празнуваат: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме, Дамјана, Кузмана… 

Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Овој празник меѓу народот е познат како Свети Врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар.

Светите врачи Кузман и Дамјан, Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: “Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте”. Поради тоа и двајцата  се наречени бесребреници. 

Светите врачи Кузман и Дамјан уште се наречени и бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци  како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што и го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. 

Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство ги повикала и овие двајца лекари. Тие со божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но, бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле. Сепак помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб.  Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека сепак казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица. Поради тоа но и затоа што  заедно лекувале ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена  црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.

Според друга верзија родени се во Рим. И во однос на нивната смрт исто така податоците се непрецизни, односно различни. Според едно предание умреле од своја смрт во Мала Азија во местото Ферман. Според друго предание, пак, откако биле наклеветени пред царот дека  се занимаваат со маѓии, и откако го излекувале и царот по што тој станал христијанин, нивниот учител завидувајќи им на славата ги однесол во планината да берат лековити билки и ги каменувал. Ако се земе предвид дека во историјата нема податок  дека некој цар го примил христијанството од овие причини ова предание останува малку веројатно. Според трето предание загинале во Рим во  284 година при едно големо прогонување на христијаните.

Овие свети браќа, Господови исцелители освен за време на животот се прославиле и после смртта. Имено кога на некој човек при спиењето му влегла змија низ устата и кога му се заканувала сигурна смрт се спасил со тоа што во претсмртната агонија ги повикал Св. Кузман и Дамјан. И така Господ и по смртта ги прославил тие што го славеле во текот на целиот свој живот.

Според некои истражувачи нивниот спомен се празнува два пати во годината веројатно затоа што едниот од браќата умрел на 1 јули, а другиот на 1 ноември. Меѓутоа има некои истражувачи што сметаат дека се работи за две или три личности исцелители со исти имиња Кузман и Дамјан, поради што доаѓа и до мешање на  нивните празници.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки и тн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот.

Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија, а градот Сандански во пиринскиот дел на Македонија порано го носел името Свети Врачи.

Тропар, Светите Бесребреници Кузман и Дамјан

Свети бесребреници и чудотворци, Кузмане и Дамјане, нашите слабости посетете ги, дарови добивте, дарови дајте ни.