Press "Enter" to skip to content

Роберт Митковски, тренер на одбојкарките на Пелистер Волеј: ланската најуспешна сезона, годинава да биде подобра

-Пелистер Волеј, оваа година ја има најуспешната сезона од своето скромно постоење, ни рече тренерот на одбојкарките Роберт Митковски, со кој поразговаравме за сезоната која измина, подготовките кои се во тек и плановите за наредната сезона, од која очекуваа да биде  поуспешна.

За тоа на што се темели неговата прва реченица дека оваа сезона е најуспешна Митковски вели:-Кога велам дека оваа година за нас е најуспешна, пред се мислам на домашните шампионати каде се натпреваруваат овие девојки, а еве и фактоте според кој го зборувам. Сениорската екипа која се натпреварува во најелитното клупско натпреварување само 3 години, за прв пат оваа година обезбеди 4 место и пласман меѓу најдобрите 6 во есенскиот дел на лигата, која брои 11 екипи и со тоа се пласира во поквалитетниот сегмент на натпреварување во пролетниот дел, во кој завршивме на шестата позиција. За истакнување е и дека за прв пат една одбојкарска екипа од Битола играше и во ½ финалето од КУП на Македонија, каде бевме поразени пред портите на големото финале, а се надоврзува и на резултатите на младинските категории и додава:

-Оваа година најголемиот успех го остварија токму најмладите, пионерките, кои на нашиот клуб му ја донесоа првата шампионска титула во клупската историја и тоа на најубав можен начин, во конкуренција на вкупно 24 екипи, без ниту еден загубен натпревар во групната фаза, без пораз и со само два загубени сета во нокаут фазите, се до самото финале кое го добивме со 3:1 токму против минатогодишниот актуелен шампион во оваа категорија – Вардар од Скопје. Секако нималку не е понезначаен бронзениот медал на младинската екипа на Пелистер Волеј во конкуренција на 15 екипи колку што брои оваа лига, па така тоа е втор медал годинава или вкупно шести од исто толку фајнл фор турнири за само 4 години. Кадетската екипа несреќно беше елиминирана пред самиот Ф4 турнир и заврши на шестото место од вкупно 20 екипи. Го освоивме и традиционалниот VI турнир “Пелистер Волеј 2019”  како и турнирот во Прилеп по повод  празникот 11 Октомври.За постигнатите резултати Митковски вели:

-Задоволството од успехот е огромно, а честопати меѓу нас гласно говориме дека веројатно не сме целосно свесни за она што го работиме и она што го постигнуваме, веројатно окупирани со многу работа, многу тренинзи и близу 70 тина натпревари годишно во сите лиги.

Овој период е подготвителен за наредната сезона, а за планот за подготовките вели:

-Сега е период за одмор и мало здивнување, со исклучок се сениорките кои мора да влезат во сезоната поподготвени од малдинските екипи. Сите тренираат поединечно, секако со насоки кои ние им го задаваме и се консултираме, а со официјални подготовки почнуваме во август, веднаш после илинденските празници. Младинките беа на камп во Грција, кој беше повеќе во релаксирана атмосфера, но и тоа дел од програмата за подготовки за нив, меѓусебно повеќе да се запознаат, бидејќи доаѓаат од повеќе училишта и мора да се познаваат за да одговорат на колективните обврски.За играчкиот кадар, за кој веќе размислуваат тренерите, управата и спонзорите, Митковски вели:

-Во поглед на играчкиот кадар за наредната сезона ќе има доста промени, практично имаме речиси комплетна смена на генерациите, па така веројатно личиме како да сме во “вечити реформи“. Навистина, ние сме во реформи постојано и непрекинато, вложуваме токму во најмладите, свесни за оној хендикеп со одлевање на младите заради студии во други градови.
Секако нашиот клуб има визија и стратегија како да ги стимулира оние кои ќе пројават желба да останат во нашиот град и да го дадат својот максимум токму во годините кога тие се навистина зрели и спремни за најсилните натпревари.

Дали е сето ова од почеток на сезона со смена на герации, подготовки, натпревари, патувања, победи, порази е лесно, првиот тренер на Пелистер Волеј вели:-Ова воопшто не е ниту лесно ниту едноставно. Но, прво со прекоманда од младинци во сениори, на младинки во кои се крие незамислив потенцијал, кој ретко кој го открива, започнува тој годишен процес. Ние како тренери неретко сме заведени од големи успеси и големи достигнувања кои се далеку поедноставни со готови, но често и прескапи играчи, но оваа работа е потешка. Сите тренери кои работат во Пелистер Волеј, го одбраа патот на создавање на играчи од најмала возраст, за што свесни сме дека тоа е најтешкиот но и најисправен пат кога се работи за создавање на нови кадри, кој го гледаме единствено како голем предизвик. Потоа по селекција следуваат другите проблеми, но ние не се плашиме од работа, а потешкиот пат за нас тренерите е мотивација за бидеме со девојките подобри во секој поглед.

За тоа каков ќе биде идниот одбојкарски шампионат, Митковски вели:

-И наредната сезона во одбојкарскиот шампионат ќе биди доста интересен, а Пелистер Волеј со едно ново и подмладено лице, но со препознатлива колективна стратегија  ќе се обиди да граби кон нови изненадувања. Границите се тука за да се срушат, а за нас нема невозможни нешта. Секоја сезона е предизвик сама за себе, па така и оваа. Без оптоварување за успех кој мора да се брка, за нас секој натпревар е приказна сама за себе. Пелистер Волеј е клуб кој дефинитивно ќе се надигрува со сите.

Текст и фото: С. Ристевски

Ентериер: Кафуле “Пајтон“

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »