Во присуство на премиерот Заев, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, Никола Бабовски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска потпишаа договор за капитални инвестиции, а ќе се инвестира во патишта, пристапни патишта, излетнички места, адаптација на пазарот…
Во Општина Битола ќе бидат инвестира вкупно 32.176.406 денари, за проекти финансирани од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а за целиот регион што ги опфаќа и општините Могила и Новаци вредноста изнесува над 101 милион денари.
-Остваривме средба со градоначалниците на Битола, Новаци и Могила, целиот овој наш регион, на коишто денеска и симболично им беа доделени решенија за реализација на капитални инвестиции за овој регион во вкупна вредност од 101.797.260 денари преку Програмата за рурален развој. Преку реализацијата на овие проекти значително ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните и од овој регион. Ќе се реконструираат патишта, ќе се прават пристапни патишта до земјоделското земјиште, ќе се уредуваат излетнички места, а исто така ќе се направи и адаптација на пазарот во Битола, рече Заев.
Во Општина Битола ќе се инвестира вкупно 32.176.406 денари, а со овие средства ќе се уредува излетничкото место заедно со изградбата на водоводен и канализациски систем, ќе има инвестиции во локална патна инфраструктура вклучително и мостови за поврзување села со регионален пат или со населено место заедно со градот во должина до седум километри, како и адаптацијата на дел од пазарот во Битола.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска изрази задоволство се осврна на значењето на финансиската поддршка за Општина Битола за трите проекти финансирани преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.
-Проектите се однесуваат на патот што го имаме на зафатот од Кажани до Маловишта, излетничкото место во Лопатица и секако она што значи инфраструктурен зафат на делот покрај Управната зграда во пазарот. Значајни проекти што значат за граѓаните на општина Битола. Исклучително ме радува што континуираната поддршка на Владата сме ја имале во минатото, меѓутоа и денес се потврдува дека продолжува и убедена сум дека и во иднина ќе опстоиме точно со таква сериозна поддршка, рече Петровска.
Целта е секој граѓанин во секое населено место да ја почувствува промената на квалитетен живот, беше речено денес во Битола.






