Press "Enter" to skip to content

Православните Христијани денес го прославуваат Богојавление-Водици

-Водици или Богојавление е денот во кој Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан,

-Се заокружуваат дванаесетте т.н. “некрстени денови“, како и циклусот на зимски празници. 

-Според преданието, Водици е денот кога водите стануваат лековити. 

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголе­ми­те христијански празници, зашто на тој ден според верувањето Исус Христос е крс­тен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Co тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Co овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бад­ник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполну­вал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, спо­ред верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу ле­ковити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Овој свет ритуал го симболизира влегувањето на синот божји во реката Јордан. Крстот го фрлал попот откако ќе отпеел мо­лит­ва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е не­па­рен (лио), тројца, петмина или седуммина. Се верува дека оној што ќе успее да го фати крстот ќе биде среќен во текот на целата година. Тој што ќе го извадел крстот од во­да­та добивал подароци. Традиционално во Македонија, свештениците го фрлаат крстот во некоја поголема вода – базен, река, езеро.

Се верува дека по овој обред водата станува осветена, a со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на доби­то­кот. Или пак му приоѓаат на попот да ги попрска со истата за среќа, здравје и бериќет.

Попладнето по коледица одат мажите но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.

Водици по правило се празнува два дена. Првиот ден е 19 јануари, кој покрај Богојавление уште се нарекува и Војордание и Машки Водици. Вториот ден пак е следниот, 20 јануари, наречен Женски Водици.

На денешниот ден, именден празнуваат Богдан, Бојан, Богомил, Богдана, Данчо, Данка, Даница, Јордан, Јорданка, Јован, Јованка.

Нека ни е честит еден од најголемите и најубавите христијански празници!