Press "Enter" to skip to content

Блаже Докуле – карикатурист: 50 години успешна кариера, постигнал се во карикатурата (фотогалерија)

Автор: Жанета Ристевска

Карикатуристите се витези на доброто, тие можат да ја казнат неправдата, да ги обелоденат гревовите и сами да се казнат, но никогаш не за долго.Повод за нашиот разговор со битолчанецот  Блаже Докуле кој е  единствениот карикатурист од нашата земја со освоени  10 награди на меѓународниот  фестивал  во Сеул, Јужна Кореја. Деновиве ја доби 10. меѓу најголемите карикатуристи од 60 земји од целиот свет. Го посетивме неговиот дом со едноставна причина да поразговараме и фотографираме  дел од неговата богата архива  со карикатури, цртежи, илустрации… Забележав дека за нив се грижи неговата сопруга Драгица, негова голема подршка. Кога го прашав дали знае колку карикатури нацртал едноставно ми одговори, околу 50-60.000 карикатури, цртежи, илустрации, стрипови… Со оваа импозантна  бројка и 50 години успешна кариера со  над 50 освоени награди и учество на над 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата, сигурно е еден најголемите амбасадори на Македонија. Објавувал во над 10 весници и списанија истовремено, илиустрирал, списанија, учебници, книги.  Карикатуристот Блаже Докуле со овие бројки сигурно е за во книгата на Гинис.И по изглед делува уметнички, со остро, критичко око и ум. Вљубеник во својата работа и како што ни кажа  материјалната страна никогаш не ми значела, само љубовта кон карикатурата, пријателствата со луѓе од овој свет кои ми се драгоцени и до ден денес. Целиот разговор всушност беше околу цртањето, иако Блаже Докуле по професија е правник и работел на многу различни места: имам работено на тезга на пазар, драгстор, во Обвинителство,  РЕК “Битола“, хотел “Молика“… Можеби и од тука инспирацијата за неговите карикатури… затоа и најпрво го запрашавмеЗа карикатурата…

-Карикатурата е жанр кој на наједноставен начин преку  цртеж го  изразува  Природното чувство за хумор, иронија и сарказам.  Уште од многу млад во 1971 година моите братучеди ми носеа списанија од Србија  “Весели свет“ и “Јеж“  каде имаше карикатури од Ласалви во тоа време еден од најпознатите карикатуристин за еротска карикатура. Тогаш  започнав самоуко да цртам сам, но ќе истакнам  дека во тој период мој професор по ликовно беше карикатуристот Панде Петровски кој ме научи на  првите потези. Најпрво беа еротска карикатура, но подоцна и новинарска, портретна, политичка… Тоа беше златен  период или најдобро време и подем на карикатурата во бивша Југославија. Во тоа време  имаше многу печатени медиуми. Можам да кажам дека имав среќа да учам од најдобрите во тоа време, односно најдобрите карикатуристи кои цртаа  карикатури со различни теми од актуелни настани, општествено политички и  теми од обичниот живот на човекот.За карикатуристите…

-Карикатуристите се витези на доброто, тие можат да ја казнат неправдата, да ги обелоденат гревовите и сами да се казнат, но никогаш не за долго… посебни личности, индивидуалци, неконформисти, со остра интелегенција, со еден збор гении.  Ова што го зборувам ќе го поткрепам со факти. Големиот Волт Дизни бил карикатурист, потоа аниматор, а го знаеме неговиот доприностс во светот на анимации и цртани филмови. Знамето на Македонија го нацрта карикатуристот Грчев, парите 2000-ката карикатуристот Ласко Ѓуровски. Сите илустрации во учебници, сликовници, списанија ги цртаат карикатуристи. Многу личности од светот на карикатурата ми биле инспирација и идоли. Тука ќе набројам некои од нив на прво место мој колега и пријател, главен уредник на весникот “Остен“ – Глигор Костов Гиш  кој многу ме прифати и заедно работевме во весникот за хумор и сатира “Остен“, со кој заедно работевме и цртавме понекогаш и по повеќе илустрации и насловни страни. Ото Рајзингер од Хрватска со кого се дружев во Загреб, некое време, и од кого научив многу работи. Тука се сите битолски карикатуристи Живко Козар, Миле Милевски, Страчковски… и секако мојот прв учител Панде Петровски.Споменавте дека најголем подем карикатурата доживеала во 80 години на минатиот век повразно со големиот број и тиражи на весници на ex југословемските простори Како гледате на карикатурата денес?

-Ќе кажам мое видување и размислување околу ова прашање, караикатурата како жанр не е истакната, зборувам за ситуацијата во нашата земја и во регионот. Тоа би требало да оди со тоа што нема големи тиражи на печатени весници. Во едно време секој наутро купуваше дневен весник, потоа и неколку други неделни списанија…  Во истите на почетна или последна  страница имаше актуелна карикатура и афоризми. Денес информирањето во најголем дел се случува на социјални мрежи, и се надевам можеби во догледно време да име и понекоја карикатура на истите и да доживеат повторен бум. Секако најповеќе би сакал да се врати навиката да купуваме и читаме весници, списанија и книги. Еве за пример би кажал дека Кина или Јапонија весниците имаат по 70 милионски тиражи, потоа има огромни книжари со милионски цифри книги каде луѓето поминуваат сати со читање. Можаш да видиш каде некој заспал со книга во рака таму. Друга причина  би споменал дека нема подмладок на нови млади карикатуристи со свежи идеи, кое се надоврзува со првото, бидејќи за каде би цртале тие и од каде би добивале хонорар за својата работа која и не е многу лесна. Овде да надоврзам би кажал дека и мојот син Гаврил Докуле кој од мал учи со мене цртање, е многу подобар карикатурист во секоја смисла од мене, моментално е во Австралија, како и многу други талентирани и школувани уметници коии треба да ја продолжет мојата работа. Гаврил се школуваше на ликовна академија и заврши вајарство и графички дизајн, некое време работеше во Скопје како менаџер на анимација за америчка компанија во тим за цртање на анимации за цртани филмови. Црташе со мене карикатури и имавме заедничка изложба, а јас се надевам дека ќе се врати тука ако има подобри услови за работа во иднина.Учество на фестивали на карикатура, награди…

-Во мојата петдецениска кариера сум учествувал на над 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата и како учесник, но и како член на жири комисии. Би ги нагласил домашните фестивали во нашата земја кои се во подем последните години. Тука е  меѓународниот фестивал за сатира и карикатура “Ин Виница веритас“, каде што бев член на жири. На 20. Меѓународен фестивал за афоризам и карикатура “Струмица 2019“  бронзена плакета. Учествував на фестивалот  во Романија каде  добив награда, и тоа специјална за карикатури изработени на слободна тема, а сум учествувал и на фестивалите за карикатура во Кина, Турција и голем број на други земји во светот.За наградите во Сеул, Јужна Кореја…

-Мојата архива е исполнета со многу награди и признанија, а меѓу нив и 10-тата по ред награда од Јужна Кореја Сеул која е освоена во конкуренцција на  светски познати имиња од светот на карикатурата, која  посебно ми значи. Наградата во Сеул 10. ред, а годинашнаа е на тема “Топло ладно“. Тука мора да се каже дека се сите карикатуристи од најтиражните светски весници од Америка, Франција, Кина… кои имаар големо влијание во светот, па затоа наградата има поголема вредност. Јас од Битола кој работам сега во весници со тираж за кој тие не би го ни споменале, да освојам награда пред ние е големо признание за мојата 50 годишна работа во карикатурата. Деновиве се појави карикатурата го прикажува кинеското знаме со симболи кои личат на вирус на местото каде би требало да бидат ѕвезди, а главниот уредник на весникот “Јиландс Постен“ рече дека немале намера да ја исмејуваат Кина.

Карикатурата  е цртеж  во кој свесно се истакнати, зголемени и изобличени карактеристични црти на некоја личност, предмет, настан или појава за да се постигне комичен или сатиричен ефект. Се разбира актуелните теми било политички или други за тоа што се случува денес секогаш први ги доловуваат карикатуристите. Понекогаш некои се навредуваат, но тие всушност ја отсликуваат реалноста на еден друг саркастичен начин и пренесуваат голема порака и идеја. Некои карикатури кога ги гледаш влегуват длабоко во филозофијата и психологијата на животот и настаните.Идни планови. Споменавте дека е потребен подмладок односно нови млади генерации на карикатуристи дали во вашите идни планови  се гледате како ментор и школа за карикатура?

Би сакал со мојата работа да инспирирам млади талентирани деца, но за школа имам размислувано, но не е време и не би можел да ја направам како јас би сакал, не да биде тоа комерција, туку јас сакам да учат од мене. Сега сум пензионер и долго време поминувам во цртање, тоа ми е задоволство. Моментално подготвувам стрип, ќе го откријам само насловот на тема клавир. Имам веќе скици, но до крајната фаза, анимацијата ќе треба многу работа, но би сакал да се реализира овој мој проект. Планирам голема изложба за мојот јубиолеј 50 години кој ќе биде за неколки месеци. Се подготвувам за истата бидејќи сакам да биде голема изложба, добро осмислена со многу мои гости, колеги, пријатели.  Имам веќе готови неколку книги, кои само чекаат да се испечатат, со многу карикатури, со многу афоризми, цртежи… Сакам да покренам иницијатива за Фестивал за хумор и сатира во Битола, тука на едно место би се собрале сите битолчани и други гости кои цртаат карикатура, пишуваат афоризми, хумор и театарски групи. Имам и уште многу други кои ми се вртат низ глава, и би сакал да ги реализирам.Имавте и идеја за сатиричен и хуморостичен весник, до каде е таа идеја:

-Идејата за весник е од поодамна и ги направив сите подготовки. Покрај техничките подготовки имам разговори со сите мои пријатели карикатуристи од цел свет, кои се согласија да ми праќаат карикатури. Но за жал за разлика од странските пријатели, овие од тука, домашните “пријатели“ кои исто така ги поканив, освен уредникот на “Остен“ никој не ми одговори. Идејата и подготовките ги прекинав бидејќи сакав весникот да има “македонска боја“, не сакав да има карикатури од цел свет, а само јас да објавувам карикатури, тоа на почетокот би ја уништила идејата.На крај само би споменале и дека битолчанецот, нашиот Блаже Докуле, е единствениот македонец и во цел свет, кој ја добил наградата која е доделена само еднаш, по повод 50 години на фестивалот на светска карикатура, Карикатурист на годината, а му ја додели неговиот можеби најомилен весник “Остен“ кој не прошушта прилика да го спомене. Според она што го има објавено, сработено, за се што е награден и каде се е  награден, но пред се за неговото уметничко дело и како човек, како вели, секаде добредојде и посакуван гостин, е сосема заслужена. Низ разговорот и мноштвото цртежи, илустарции, карикатури…кои наоколу ги видов, се воодушевив и научив ново за овој жанр. Само дел од нив ќе можете да ги видите низ фотографии во интервјуто. Здравото природно чувство за хумор и сатира  е секогаш добродојдено.

Фото: Сашо Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »