Press "Enter" to skip to content

Проф. д-р Марјан Танушевски, претседател на МНД Битола: МНД е значаен форум каде се иницираат идеи кои се прифатени (фотогалерија)

Жанета Ристевска

Повод за интервју со претседателот на МНД-Битола, проф. д-р Марјан Танушевски да го релизираме пред зградата на Ректоратот во Битола, беше местото-објектот во кој на 25 април 1960 година во тогашниот Околиски Архив, беше формирано ДНУ-Битола,  големиот јубилеј на Македонско научно друштво-Битола.

Нашиот соговорник, воедно автор на монографијата „60 години МНД-Битола“, посочи дека монографијата има неформален поднаслов „Наши страници, наши години“, затоа што на страниците во монографијата се пренесени сеќавањата на м-р Јован Д. Кочанковски, единствениот жив сведок од групата битолски интелектуалци, иницијатори за формирање на Друштвото, но и други фактографски податоци за најстарото македонско научно друштво. Монографијата е репрезентативен производ што ќе го презентираме во градот, државата и во странство. Напишана е на македонски и англиски јазик, висококвалитетна и нема причина за скромност, ни рече Танушевски и со задоволство ја прифати поканата на “Bitolanews“ да одговори и на несекојдневни прашања.Тој е актуелен Претседател на МНД, новинар-уредник во државната новинска агенција МИА, професор, пишува и е автор на научни трудови. Неговата успешна кариера е плод на неговта активна вклученост во општествениот, културниот, социјалниот и политичкиот живот на Битола уште од негова најмала возраст. Слободно може да се каже дека името на Марјан Танушевски станува познато низ Битола уште од негова 9-10 годишна возраст кога активно се вклучува во пионерскиот центар „Трајче Маглоски“ во различни секции, од раководството на тогашниот Пионерски центар „Трајче Маглоски“, беше избран како еден од петте најдобри ученици во Битола да ја претставуваат Македонија, на светски собир на пионерите од светот во тогашната СФР Југославија. Потоа продолжува како активен младинец, бригадир, вклучен во работните акции организирани во поранешната држава. Во новинарството навлегува уште како гимназијалец, за да продолжи во Радио Битола, а сега е професионален новинар во државната агенција МИА. Да почнеме од вашите најмлади години…  

Кажете ни нешто за себе…за детството нешто интересно, што сте правеле…

-Јас сум роден на 28 јули 1967 година во Битола. Како деца игравме разни детски игри „број до 100“, „ку-ку“, „челик-чомак“, „ашици“, „билии“, крадевме сливи-петровки, игравме фудбал со децата од другите маала, а често и шах.

Основно образование и активен пионер во Пионерскиот центар „Трајче Маглоски“

Основното образование го завршив во ОУ „Коле Канински“, и во една ваква прилика „од прва што се вели“ се сеќавам и сакам да споделам неколку интересни моменти длабоко врежани во мојата меморија. Како шесто одделенец, и според информации на раководството на тогашниот Пионерски центар „Трајче Маглоски“, бев избран како еден од петте најдобри ученици во градот и сите заедно со останатите четворица ја претставувавме Македонија, но и тогашната СФР Југославија на светски собир на пионерите од светот кој во 1980 година се одржа во пионерскиот центар Чилеберц во Будимпешта. Во седмо одделение членував во шаховската секција, во училиштето имаше повеќе солидни шахисти, направивме екипа во која беа Гоце, Дени и Максим, а јас играв на втора табла. Победивме на општинскиот шаховски натпревар кој се одржа во ШК „Стево Патако“, победивме на републичкиот натпревар кој се одржа во Струга, а потоа како македонски прваци учествуваме на државниот натпревар во Пула и остваривме одличен пласман. И, уште еден интересен момент кој е поврзан со мојот тогашен професор по музичко воспитание Љубо Трифуновски. Во тоа време заедно со Миодраг Нечак-Микс бевме повикани да свириме во училишниот оркестар. Јас научив, и ден денес знам да свирам на контрабас, а Мики-Микс свиреше гитара. Подоцна, во осмо одделение заедно со Баже-„триангл“ ја формиравме рок групата „Бон“. Имаше бајаги журки… заедно продолживме во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Некои интересни сеќавања за средношколските денови…

-Гимназискиот живот беше динамичен. Брзо се вклучив во младинската организација и во редакцијата што го подготвуваше весникот „Гимназијалец“. Весникот го делевме меѓу учениците, а дел од содржините ги читавме на интерната разгласната станица. Читав многу книги, а професорката по македонски јазик Анушка Костурска, ми довери работа во гимназиската библиотека.

Работните акции во СФРЈ претставуваа социјален феномен на едно време. Младинските работни акции и пожртвуваност, несебичност, работа, другарство… Како бригадир учествувавте во неколку… Денес постои волонтерство, но во неговото модерно значење, овој збор не е доволен за да ги опфати сите аспекти на некогашните младински работни акции. Опишете го овој феномен од оваа перспектива  работните акции, атмосферата, животот на младинците во тој период на тогашна СФРЈ…Во лето голем број на младинци од градот одеа на работна акција, и тоа беше голем предизвик, а во еден период и конкуренција за да се биде дел од некоја бригада и да се учествува на работна акција. Како бригадир учествував на работните акции „Делиблатски песок“-Панчево, „Неретва“-Мостар, а посебно интересно беше моето учество на акцијата „Палиќ“ кај Суботица во 1985 година. Таа година на барање на тогашното градско младинско раководство и со согласност на општинската власт ми беше доверена задачата да бидам командант на бригадата „Стив Наумов“ иако сеуште немав 18 години. Одлуката беше донесена, јас ја прифатив, а за време на акцијата го прославив полнолетството. Тоа беше незаборавен ден на работната акција на Палиќ. На покана Панде Димитровски, командант на МРА „Пат на младоста“-Битола, бев член на Штабот на акцијата, и тоа беше уште една можност за стекнување искуства. Феноменот „акцијаш“ анализиран од денешен агол спореден со волонтерството во многу нешта е по различен. Во тоа време дел од работите се идеализираа, но имаше чисто другарство и пријателства кои ден денес траат, а од друга страна денешното волонтерство често се врзува со одредени интереси на интересни групи, не сум анализирал на колкав рок се новостекнатите пријателства, но едно е сигурно, разликите се големи како во начинот на организирање, така и во целите. Впрочем врз принциот на волонтерство на пример како гимназијалци, а тоа е илустрирано со фотографијата во прилог, како организиравме голем атрактивен настан „Манекени аматери“ и во тоа време големата сала на Дом на културата во Битола беше претесна! Вриеше како во кошница, интересот беше голем, програмата ја подготвивме со Весна и Роберт. Беше тоа настан за незаборав! Но кога тоа го организиравме пристапот беше чист, целта не беше профит, за каков што сега се заинтересирани иницијаторите без разлика на нивниот предзнак.Новинар со долгогодишна новинарска кариера, кој во светот на новинарствито заплива во далечната 1983 година,  кажете ни како почнавте…

-Работата во весникот „Гимназијалец“, младинската програма што ја емитувавме преку гимназискиот разглас, ангажманот во бригадирскиот клуб допре до Ристо Невеновски, тогашен директор на Радио Битола кој во 1983 година ме покани да соработувам со младинската редакција. Радиохерците целосно ме освоија, а благодарение на повозрасните новинари, брзо напредував. Пролетта 1985 година тогашниот директор на Радио Битола Менде Петковски ми овозможи да ја уредувам младинската радио емисија „Од млади за млади“. Во тоа време, Менде изврши брзо ребрендирање на радиото, учество на младите во програмската и техничката реализација на радио емисиите, посветеност и упорност. Така почнав…

 За Радио Битола и вашиот ангажман, за годините поминати во Радиото…

-Радио Битола е моето школо на животот. Тоа што неможеше да се научи в Гимназија или на факултет, го научив во Радио Битола. Работната атмосфера беше на високо ниво, посебно со новините кои во тоа време беа внесени преку слоганот „Ваша слаба страна, битолската радио програма!“. Секој ден различен. Бројни контакти со јавноста, посети на институции, разговори, програми во живо – утринска, ноќна! Подготвувавме редовни рубрики, а јас како студент подготвував прилози и известував за настаните од битолскиот Универзитет. Тоа стана рутина, особено во периодот кога бев избран за претседател на Сојузот на студентите на Универзитетот во Битола. Во тоа време го иницирав издавањето на студентскиот весник „УМ“- кратеница за Универзитетска Младина, а по излегувањето на неколку броеви, добив покана да соработувам со националниот весник „Студентски збор“-Скопје.Повозрасните новинари беа наши ментори…

-Но, Радиото беше пред се и затоа без поголеми тешкотии работев во неколку редакции, со Данка и Јорданка, со Никола и Борче, а со поддршка на сега веќе доајенот во спортското новинарство Димче Миновски, добив можност да вршам директни радио преноси од настапите на фудбалскиот и ракометниот клуб „Пелистер“. Сеуште се свежи сеќавањата од спортските радио преноси кои како репортер ги реализирав од Белград кога Пелистер играше со Раднички, од Титово Ужице кога Пелистер играше со Слобода, или од Бор каде битолчани играа со истоимената екипа. Го памтам денот кога Кире Лазаров како средношколец пристигна во Битола да игра во Пелистер, а деновиве повторно го гледав видео материјалот од ракоментото полуфинале меѓу Пелистер и Лемго на кое јас имав задача преку разгласот во салата да ја мотивирам публиката, но за жал „пелистерци“ не стигнаа до финалето. За Радио Битола ме врзуваат прекрасни спомени, во мојата архива ја чувам наградата Гран-при освоена на натпреварот „Денови на македонското радио“ кој во 1997 година се одржа во Струга. Генерацијата со која работев беше спој на искуство и младост. И, да – жалам што денес Радио Битола го нема и тоа е голема грешка.Новинар-уредник во државната новинска агенција МИА, од кога сте на тоа место…

-Државната новинска агенција МИА за мене беше нов новинарски предизвик, и тоа е така од првиот ден, и денес. Колегите често знаат да кажат дека сум придонел за раздвижување и динамизирање на дописната мрежа, а јас тоа го разбирам како дополнителна обврска. Во МИА се вработив во 2006 година, во перидот кога беше извесно дека Радио Битола е пред затворање, со одброени денови. Во Агенцијата бев прифатен брзо, всушност како да немав потреба од адаптирање бидејќи соработката се одвиваше како да била воспоставена од поодамна. Позицијата уредник ја добив благодарение на големата продукција и останати критериуми кои јасно се поставени во МИА, а тоа пак, анализирано од денешен агол ми овозможи како преставник од редот на вработените новинари-дописници да членувам во актуелниот Управен одбор на МИА. Предводени од претседателот на УО и генерален директор Драган Антоновски, постигнавме големи успеси, висок рејтинг во медиумската индустрија. МИА денес е во нови современи простории кои се наоѓаат во строгиот центар на Скопје, и освен одлични услови за работа, вработените зад себе или за себе имаат Колективен Договор, прв документ кој што е изработен и ставен во функција од формирањето на МИА. Како членови на УО соработуваме со колеги од странство и тоа се нови пријателства кои отвораат нови хоризонти. Јас тоа лично го почувствував на меѓународна конференција на новинските агенции од Европа која се одржа во Тирана и на која дебатиравме и нудевме решенија за борбата против лажни вести.За вашата политичка кариера. Претседател на Совет на општина Битола ваши заложби…

-Со Советот на Општина Битола претседавав од 2000 до 2005 година, во немирно време, но како викаат, за политика никогаш нема мирно време. Основната цел на тогашната власт предводена од градоначалникот Златко Вршковски беше да ја подготви Општината за втората фаза од процесот на децентрализација или поточно за финансиска самостојност која дотогаш ја немавме, а обврските беа големи. Во нашиот мандатен период се случи воениот конфликт кога животот го загубија и наши млади сограѓани, а чести беа стресните ситуации, па и закани по животот кои ги добивме од анонимен испраќач на пораки во ветви писма. Тогаш прв пат и се надевам последен пат добив несакан херпес. Анализирано од денешен аспект, лично, задоволен сум од придонесот во Советот на Општина Битола и кога сум практикувал власт, но и како коректор на власта, односно опозиција.

Но, она што посебно ме прави горд, тоа е фактот дека мојот личен предлог за востановување на наградата за животно дело, од 2002 година во Битола стана традиција, од власта и опозицијата беше прифатен мојот предлог за востановување на признанието „Почесен граѓанин на Битола“, и исто така едногласно беше прифатен мојот предлог за прв почесен граѓанин на Битола да биде прогласен Ајри Демировски, авторот на „Битола, мој роден крај“. Плакетата „Почесен граѓанин“ му ја врачивме во Измир, а во делегацијата што ја предводеше претседателката на Советот, Лилјана Кузмановска, беа и колегите Панде Манојлов, тогашен советник и Драган Ристевски. Во Измир снимив многу емотивно интервју со Ајри каде меѓу другото рече -„Снагата ми е тука, ама душата и срцето ми се во Битола…“. Инспириран од тие зборови, мојот пријател м-р Валентин Соклевски како автор, напиша песна.Покрај со новинарство, активно се занимавате и со наука. Професор  кој своите знаења од новинарството ги пренесува на помладите колеги и студентите во Бизнис Академија Смилевски, каде сте избран вонреден професор по наставните предмети „Односи со јавност” и „Менаџерско лобирање“.

-Ангажманот во општинскиот Совет и новинарското искуство беа одлична подлога да ги ставам на хартија и ги преточам во магистерски труд. Поттикнат од мојата сопруга, се запишав на магистерски студии и успешно го одбранив магистерскиот труд на тема „Лобирање во локалната самоуправа“, спој на комуникациски вештини изразени преку инструментот лобирање и локалната сампуправа во која дотогаш партиципирав. На мое пријатно изненадување добив покана да ги продлабочам, истражам и посочам можностите на вештината лобирање, и под менторство на проф. д-р Наташа Габер Дамјановска ја изработив докторската дисертација за лобирање и креирање јавни политики. Трудот беше успешно одбранет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, но претпоставувам ќе биде интересно за јавноста ако кажам дека најнапред беше промовиран на државниот Универзитет во Загреб, односно на тамошниот Економски факултет, пред студенти, професори и членови на Хрватското друштво на лобисти-ХДЛ. Од ХДЛ имав голема поддршка, а професорот д-р Мате Граниќ напиша посебно рецензентско мислење за трудот.Тогаш се отворија вратите на науката, а простор за пренесување знаења ми беше овозможен во Бизнис Академија Смилевски-БАС, каде вработените ми дадода безрезервна поддршка. Потоа, за академската јавност, но и на заедницата ги понудив првите книги, дел од нив освен на македонски, публикувани се и на англиски и на албански јазик. Без мое знаење, но на големо изненадување во Лексикон на Институтот за економска дипломатија во Белград бев посочен како еден од петте експерти во Европа кои според нив најдобро го дефинирале поимот лобирање.

Во меѓувреме одржав предавања и обуки во Загреб, Сараево и Подгорица, почнав соработка со Универзитетот Обединети Нации во Белград, а од Академијата нанауките и уметностите на Босна и Херцеговина-АНУБИХ, избран сум за рецензент на изданијата од општествени дејности.

Очекувам во нашата држава да има уште поефикасна примена на лобирањето во пракса затоа што веќе во парламентарна процедура е новиот Закон за лобирање, во чија директна изработка и на покана на Министерство за правда, учествував во текот на минатата година.Во однос на лобирање. Кажете ни зошто наши сограѓани Битолчани кога ќе заминат од Битола на пример во Скопје малку лобираат за својот град. Ваше мислење околу ова?

Ако генерализирам, можеби тој впечаток е заради преголемата импресионираност на некои наши сограѓани кои кога ќе стапнат во големиот Град забораваат на својот. И, тоа секако дека е голема грешка. Често пати се слушало дека неформални лоби групи на лица од други градови биле посилни, или поорганизирани од битолчаните, и затоа треба да се учи од грешките на претходните генерации, или од добрите примери. Независно која варијанта ќе се избере, целта треба да биде успех за својот град, а не слепа послушност за лични цели.

Претседател на МНД од кога и вашите активности…

-Во МНД-Битола за претседател бев избран во 2016 година, а на таа функција дојдов од позицијата претседател на Уредувачкиот Совет. На барање на членството во 2018 година бев реизбран, а мандатот го завршувам во оваа 2020 година. Знаев дека нема copy-paste претседатели и затоа во програмските активности ги внесов моите знаења и искуства, лобирачките вештини и односите со јавност. Анализирано од денешен аспект, мислам дека МНД-Битола стана повидлива организација во заедницата, не претендира да биде фактор, но е значаен Форум каде се иницираат идеи и на наше задоволство се прифатени. Задоволен сум што во овој период ја интезивиравме соработката со МАНУ и по подолго време потпишавме заеднички документ, Меморандум за соработка со Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, а тогашниот претседател на МАНУ, академик Таки Фити стана редовен член на МНД-Битола со што се возобнови традицијата за зачленување на академици од МАНУ во нашето Друштво. Тимот содржан во органите и телата на МНД-Битола покажа ентузијазам, инвентивност, а најголем дел од членовите го вложија своето слободно време за реализација на мисијата на Друштво.Како го одбележавте јубилејот 60 години МНД-Битола, во услови на вонредна состојба која сеуште владее во државата? 

-Ги откажавме сите активности, односно свечената академија, договорените заеднички манифестации со ректорската управа на УКЛО, изложби, меѓународна конференција, приеми…посети. Но, не заборавивме на 25 април 1960 година, и токму на истиот ден, на 25 април, одржавме on-line свечена седница на која членовите на актуелното раководство ги искажаа своите импресии, идеи, желби, честитки за јубилејниот роденден. Во пресрет на празникот отпечатена е монографија која како автор заедно со членовите на редакцијата ќе ја промовираме штом се создадат услови за јавен настан. Оваа 2020 година е јубилејна година, што значи во следниот период ќе приредиме повеќе манифестации и јавно ќе се заблагодариме на сите што го поддржувале и поддржуваат МНД-Битола.Награди и признанија…

-Има една мудрост во која се нагласува: -„не помагај за секој ден да ви велат благодарам, не работи за да другиот ден добиеш награда! Во таква ситуација наградите и признанијата доаѓаат неочекувано. Не би посочувал на бројот и листата на награди и признанија кои сум ги добил за придонес во науката или новинарството, медали, значки и плакети кои грижливо ги чувам, но никогаш нема да заборавам кога на едно лице со оштетен вид му ја подарив мојата аудио книга „Вечноста на Битола“, наменета за слепи лица, и ми рече, -„Ви благодарам, како да ми ги отворивте очите“! Тоа е најголема награда и признание за вложен труд и реализирана идеја.

За семејството…

-Ние четворицата гимназијалци „од Горната“, сопругата Мимоза, големата ќерка Искра и малата Ива, овие денови се справуваме со корона амбиентот во градот и државата. Искра, магистер по фармација, секој ден е на браникот во борбата против Ковид-19, Ива е on-line вклучена во наставниот процес, а јас со Мимоза пребарувајќи фотографии за ова интервју, повторно се потсетивме на деновите. кога токму во Гимназијата почна нашата младешка љубов крунисана со среќен брак. Уверен сум дека без семејна поддршка најголем дел од реализираните планови и постигнати успеси немаше да се остварат.

Хоби и интереси во слободно време…или време на изолација…

-Во слободно време читам книги. Не знам зошто, но деновиве повторно ја прочитав „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски, а конципирајќи еден настан кој би се одржал во МНД-Битола, читав и од творештвото на академик Луан Старова. А, да! Го подмачкав статичниот точак, секој ден возам на тераса чиј поглед е кон Пелистер, и помислувам дека сум стигнал до врвовите, иако никогаш во животот не сум се качил на врвот Пелистер. Пелистерските очи се мојата засега, неостварена желба!Порака која ќе ја пренесете…

-Сакам да го порачам тоа што редовно го порачував низ програмите и емисиите што ги подготвував во Радио Битола, а остана длабоко врежано во мене – пораката: внимавајте на здравјето, тоа е поважно од се!

Што мислите дали ќе се зголеми нашата одговорност после корона кризата?Мораме да си признаеме дака ни во подобрите времиња пред пандемија не не’ красеше одговорност. Ниту лична, ни општествена а понекогаш ни професионална. Пандемијата ни се случи  како „гром од ведро небо“ и на почетокот  неодговорно ја прифативме и опасноста… Ваше мислење околу ова…

-Ако се анализираат претпоставките на референтните меѓународни Институти за втор поинтензивен бран кој би се случил наесен, тогаш најголем дел од населението ќе нема избор, освен почитување на строги мерки. Заштитните маски ќе се, или веќе се, култура на однесување, свест и совест. Се што би било обратно од тоа, можеби е најлесно да се каже дека одговорноста би била несоодветна.Проф. д-р Марјан Танушевски, според она што го има постигнато е пример дека успехот во животот не е случаен туку резултат на голема трудољубивост, вложување во себе и пожртвуваност во се што  работи. Заради тоа може и да се гордее со ова што го постигнал денес во различни области и тоа новинарство, наука, јавен и политички живот…

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »