Непосредно пред Новата 2021 година, во Љубљана, Република Словенија, се појави книгата „Јазични, книжевни и културни контакти: 100 години студии по француски јазик на Универзитетот во Љубљана“, во која е објавен и труд на проф. д-р Зоран Николовски од Битола.
Во неа е поместен и трудот „Лексичките англицизми во францускиот јазик во хуманистичките и општествените науки“ (Les anglicismes lexicaux en français dans les sciences humaines et sociales) што е дел од потесната специјалност Контактна лингвистика на д-р Зоран Николовски, професор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Во трудот, д-р Николовски истакнува дека брзиот развој на општествените и хуманистичките науки во Англосферата, особено во Соединетите Американски Држави по Втората светска војна, поттикнува огромно извезување на термини коишто се употребуваат во овие области во сите јазици во светот. Францускиот јазик не е исклучок и за тоа сведочат големиот број англицизми кои влегле во него во овој период.
Трудот, од една страна, го анализира присуството на англиските лексички заемки во францускиот јазик во општествените науки и хуманистичките науки. Од друга страна, тој, исто така, ги опфаќа и интервенциите на Франција и Квебек во однос на овие заемки. Врз основа на графиската, фонетската и семантичката анализа на заемките, истражувањето покажува дека постојат одредени незначителни графиски и фонетски адаптации, како и умерена склоност кон полисемија (повеќезначност) на одредени англицизми во францускиот јазик во овие области. Истражувањето, врз основа на препораките за употреба на лексичките англицизми издадени од Комисијата за збогатување на францускиот јазик на Франција и од Канцеларијата за француски јазик во Квебек, Канада, покажува умерено интервенирање од страна на двете земји.
Феноменот на размена на зборови, не е нов, постои во сите јазици и е најчест начин на кој јазиците влијаат едни врз други. Така, на пример, повеќе од 60% од вокабуларот во англискиот јазик, потекнува од старофранцускиот јазик и романската (латинска) јазична група, околу 25% од германската јазична група итн.
Проф. д-р Зоран Николовски е роден и живее во Битола. Студиите по француски јазик и книжевност ги завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што магистрира во 2002 година на тема „Современата јазична политика на Франција во однос на францускиот и регионалните јазици“ и докторира во 2012 година на тема „Англиските лексички заемки во францускиот јазик 1945-2005 година (јазичен и социокултурен аспект“.
Тој реализира студиски престои на повеќе универзитети во Франција, Германија, Белгија и Холандија. Во 2016 година, Николовски остварува и постдокторски престој на Универзитетот во Букурешт, Романија („Проучување на заемките
од францускиот и англискиот јазик и социолингвистички истражувања во Романија“).
Неговиот научен интерес е насочен кон јазичната политика, социолингвистика, јазиците за контакт и лексикологија. Учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми и редовно објавува трудови во меѓународни списанија. Тој, исто така бил и рецензент на повеќе книги и трудови, а активно учествува и во работата на универзитетските комисии. Д-р Зоран Николовски, исто така, бил и преведувач во Генералштабот на министерството за одбрана при Владата на Република Македонија, соработник на Радио Битола и новинар во Тера телевизија-Битола.
Во 2017 година, професор д-р Зоран Николовски е одликуван со орден Витез од Редот на академските палми од страна на Франција, признание за неговата извонредна работа во областа на образованието и за неговите активности на полето на соработката помеѓу Франција и Македонија. Ова одликување, воспоставено во 1808 година, се доделува за исклучителни заслуги во областа на образование.
Линк од објавениот труд:
https://e-knjige.ff.uni-lj.si/znanstvena-zalozba/catalog/view/246/353/5841-1?fbclid=IwAR24Q9biIyeCs8X9rkQdCS8fONerQJMqFZwuP5t2tX3exNP91T66RDBivuk






