Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: телесна температура, лабораториски индикатори

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

Често пати ја сметаме за причина за паника и страв од тоа што се случува со нашиот организам но сепак таа е наш сојузник и еден и првите индикатори дека нешто се случува со нашиот имун систем. Значи зборуваме за телесната температура.

Кај хомеотермните животни постојат развиени механизми со кои тие можат да ја одржуваат и регулираат својата топлинска хомеостаза, и на тој начин тие имаат постојана телесна температура независно од температурата на надворешната средина. Таа кај човекот изнесува околу 36,6°С, а може да се движи од 36,3 до 37,2°С. Тоа е поради тоа што топлината е постојан производ на сите хемиски процеси што се одвиваат во сите ткива и клетки на организмот.

Токму поради тоа телесната температура кај човекот се менува во текот на 24 часа. Отстапувањето е во рамките на 1°С. Најниска телесна температура е регистрирана меѓу 2 и 4 часот по полноќ, а највисоката меѓу 16 и 19 часот. При одредени услови телесната температура кај човекот може да има поголеми отстапувања, при што таа може да се спушти под нормалната граница и тогаш се јавува хипотермија ( под 36°С), или да се зголеми при една фебрилна состојба, на пример при треска.

Ова е термички показател за состојбата на лицето или живиот организам. Таа зависи од различни фактори: времето од денот, бременоста, возраста, влијанието врз животната средина врз телото, здравствениот статус и други.

Разликуваме неколку видови на телесни температури

-ниска телесна температура – под 35 степени;
-нормална – од 35 до 37 степени;
-субфебрилна – од 37 до 38 степени;
-фебрилна – од 38 до 39 степени;
-пиретична – од 39 до 41 степени;
-хиперпиретична – над 41 степени.

Покачената телесна температура или уште позната како треска, грозница (медицински: пирексија), претставува нормална, природна реакција на организмот на различни состојби, најчесто на некаква инфекција. За покачена се смета секоја вредност за телесната температура која оди над 37,2°С.

Покачената телесна темепратура најчесто се јавува како резултат на различните настинки, на грипот, коронавирусот и слични микробни инфекции. Ова всушност е показател дека имуниот систем работи напорно во целта да се избори со инфекцијата или болеста. Вообичаено, треската или температурата се јавува кога имуниот одговор продуцира повеќе бели крвни клетки, чија главна цел е справување со инфективните микроби. Зголемената продукција на леукоцитите, го стимулира мозокот да ,,нареди” загревање на телото. Притоа, телото стимулира вазоконстрикција (стеснување на крвните садови) и контракции на мускулите, што води до тресење, а некогаш и до мускулна болка.

Вообичаено, треската минува ,,сама од себе” за 1 до 3 денови. Но, во некои случаи покачената температура може да трае континуирано со денови или пак да се губи и враќа во период од 2 недели. Во оваа смисла, повишената телесна температура се дели на:

-Акутна – ако трае помалку од 7 денови,
-Суб-акутна – ако трае до 2 недели и
-Хронична – ако продолжува и по поминати 14 денови. Хроничната треска често пати е еден вид симптом на сериозна здравствена состојба, дури и ако е само слабо покачена.

Во медицината се опишани неколку водови на температурни криви кои се специфични за одредени болести и кои помагаат во следење на состојбата и одредување на прогнозата за тоа како ќе се одвива лекувањето.

Симптоми на треската:

Слабо до обемно потење,тресење на телото, главоболки, мускулни болки, нарушен апетит, општа слабост, хроничен замор, обилно потење. Често пати при долготрајно покачување на телесната температура може да се појават и осип на кожата, повраќање, мускулни грчеви, тешко дишење, стомачни болки, збунетост и силни главоболки, осетливост на светлина, дехидрираност па дури и напади не дезориентираност.

Можни причини за појава на треска

Најчестата причина за покачена телесна температура се различните инфекции: бактериски, вирусни, фунглани и паразитски. Тие можат да бидат респираторни,уринарни, кожни, гастроинтестинални итн. Како можен причинител за појава на покачена телесна температура можат да бидат и:

-Труења со храна
-Изгореници
-Изгорена кожа од сонце
-Топлотен удар
-Неинфективни воспаленија
-Турмори
-Ревматоиден арртритис како и некои автоимуни заболувања

Итно побарајте медицинска помош ако имате температура повисока од 39,4°С повеќе од три дена, последователно. Тогаш мора да се направат некои испитувања кои ќе го дефинираат причинителот за ваквата состојба. Најчести лабораториски индикатори кои се испитуваат во вакви состојби се Диференцијална крвна слика, ЦРП (Ц-реактивен протеин), Седиментација и Прокалцитонин, за при тоа да се дефинира за каков вид на инфекција се работи.

Лекувањето на причинителот кој довел до покачување на телесната температура е работа исклучиво на вашиот матичен лекар. Следете ги неговите упатства и наскоро температурата ќе се врати во нормала а Вие ќе можете здраво да продолжите да чекорите низ животот.