Press "Enter" to skip to content

Професор м-р Благојче Трајковски, кларинетот носи голема емоционална тежина која и јас како кларинетист ја носам секогаш со мене

Жанета Ристевска

На мое големо задоволство прво интервју во 2021 година и разговор во живо со маестро Благојче Трајковски од Битола,виртуоз на кларинет. Неговото доаѓање во Битола го искориствивме за разговор кој беше планиран, но  одложен заради ситуацијата со пандемијата.  Својата љубовта кон музиката, посебно македонската  традиционална и кларинетот ја пренесува со сета своја позитивна енергија и емоции при што дава  се од себе, а кларинетот како инструмент блеснува  со сиот свој сјај. Битолчанин со нетрпение ги очекуваат неговите концерти  исполнети со многу аплаузи, емоции и солзи… Со звуците на кларинетот на посебен начин се доживува традиционалната македонска музика која е вградена во нашите гени. Ова не се опишува може само да се доживее. -Секој настап во Битола го доживувам како да ми е прв, со голема одговорност бидејќи битолската публика има префинет  вкус која препознава квалитет. Во Битола секогаш имам посебни емоции, заради тоа што сигурно носталгијата си го прави своето. Живеам и работам веќе 20 години во Скопје, но со Битола се уште имам нераскинливи врски, го сакам овој град и го чувствувам, знам како дише, вели Благојче и со насмевка  продолжува:

-Сум бил во дворовите и домовите на битолчани или може да се каже на повеќе од половина  град во најубавите моменти од животот на секој човек. Тоа е свадбената церемонија, дома кога и се чествуваат  сите традиционални обичаи, исполнети со емоции, солзи. Музиката е таа која тука се доживуваа на посебен начин.

На овој начин во Битола, во лоби барот на хотел “Епинал“ емотивно го започнавме разговорот со маестро Благојче Трајковски. Моментално  професор по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј„ во Скопје.  Доцент на Музичката академија во Штип, на отсекот за Чалгиска музика. Може да се каже дека е  единствен музичар кој паралелно со педагошката работа, настапува и како солист на многу концертни сцени  во државата, Балканот, Европа и низ светот. Покрај ангажманите со неговата група Фонтана соработува на различни начини низ проекти со многу групи Љубојна, Етносфера, Џамбо Агушеви потоа и солисти Каролина Гочева, доајените на македонската музичка сцена Виолета Томовска, Наум Петрески, Блага Петреска, Ефто Пупиновски и други. Низ многу проекти соработувал со Игор Џамбазов, Бени Шаќири, Златко Ориѓански, Жељко Јоксимовиќ како дел од големиот оркестар придружувајќи најпознати естрадни личности од југословенската естрада во последниот проект пред пандемијата.

Низ неговата   инструментална дејност се  реализирани многу аудио и видео записи со авторска музика и како дел на значајни музички проекти, тука се:  музика за театарски претстави, документарни, играни, филмови, рекламни спотови  за Macedonia timeless… Неговата успешна педагошка работа е наградувана со многубројни признанија и награди. Тој е еден од најнаградуваните професори по кларинет  на многу државни и меѓународни престижни натпревари,конкурси и фестивали со своите ученици. Во 2019 година заслужено ја понесува  наградата од „Здружението на музички и балетски педагози во Македонија“ за остварени високи педагошки резултати. Значаен е неговиот придонес во македонскиот кларинетизам како на полето на сериозната, така и на полето на традиционалната македонска музика. Како инструменталист од 2014 година е и дел од народниот оркестар при  Македонската радио – телевизија. Покрај сите ангажмани активно работи на издавање на стручни педагошки трудови, делото  „Кларинетот и кларинетистите во сериозната музика“ I дел издадено во 2019 година.Тоа беше краток опис, но  богата биографија за младиот виртуоз на кларинет професор  м-р Благојче Трајковски.  Да го запознаеме подобро…

Почетоци во музиката и школување…

-Живеев и растев кај стариот старски дом, зад турската  бања. Како мал не пројавив некој интерес за музика, иако растев со музика во моето најблиско опкружување мојот татко, Стојан Трајковски  свиреше кларинет.  Благодарен сум и на моите родители што не ме притискаа  да се занимав со музика. Некаде на мои  8 години (4 одделение) изгледа од љубопитност, или другарство започнав да учам  во нижото музичко училиште каде се запишаа и мои другари. Прв инструмент кој го одбрав да учам беше пиано. Започнав  да учам во нижото музичко училиште, колку што се сеќавам, првите две години би кажал  „рекреативно“.  Потоа како што поминуваа години низ  нижото музичко училиште започнав многу посериозно да навлегувам во сето тоа,  свирев пиано,  ја сакав музиката и уште од тогаш започнав на некој начин да си го трасирам патот во музичките води. Чести беа прашањата од околината упатени кон мојот татко Стојан: “Нема ли да биде кларинетист, за да се продолжи семејната лоза на кларинетисти? “ тој одговараше “Нема да биде, мене кларинетот ме измачи во животот и подобро не“.

За својот инструмент кларинетот …

-На  изненадување на моите родители на свои 15 години кога го завршував основното образование и нижото музичко училиште, ни самиот не знам како одлучив да свирам на кларинет. Тогаш наидов на неодобрување од страна на моите родители, посебно мојот татако кој сметаше дека заради мојата возраст веќе е доцна сега на свои 15 години бидам почетник на кларинет и  дека веќе сум го пропуштил времето. Се започнува со учење на инструмент  на 7,8 годишна возраст и другите ученици  на оваа возраст се веќе длабоко навлезени во сето тоа. Знаев  дека моите родители имаа добри и  позитивна намери, но јас со некаков инает или не знам што, не се откажав, а  имаше и расправии. Ќе кажам дека сите убедувања беа со објаснувања дека  ќе се разочарам и обесхрабрам. Со моето залагање, вложен  труд,  го докажав сосема спротивното. Се разбира морам да ги истакнам големото вложување на сега покојниот професор Панде Татарчевски кој влезе во еден сопствен предизвик со многу ентузијазам и поддршка за мене. Влеговме така да кажам заедно во еден “проект“ да Благојче со свои 15 години започне да учи кларинет. По некоја година и вложен голем труд од двете страни веќе започнавме да освојуваме награди на различни  натпревари и настапи на концерти. Кларинетот со сета своја убавина што  ја носи со себе претставува еден од најубавите музички инструменти, а кога се во прашање дувачките инструменти. Слушајќи го кларинетот во неговото вистинско светло, не би останал рамнодушен ниеден слушател.За своето образование и  професорите ментори…

-Средното образование го продолжив во ДМУ  во класата на професорот Панде Татарчевски. Покрај него би ги споменал сите пофесори во училиштето кои ме поддржуваа и музички образуваа, секако и класниот раководител  професорката Вилма Костовска. Сите тие и учениците придонесоа ДМУ во Битола да важи за едно од најдобрите во државата по освоени награди на музички натпревари, солистички концерти…  Таму поминав 4 убави години исполнети со многу  емотивни моменти освојувајќи многу награди, признанија, пофалници како кларинетист.  Школувањето  го продолжив на Факултетот за музичка уметност каде дипломирав и магистрирав во класата на професор м-р Иван Кочаров низ кои раце поминале многу кларинетисти во државата меѓу кои професорот  Панде Татарчевски,  мојот татко Стојан Трајковски и други.

Моментално  професор по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје и доцент на Музичката академија во Штип отсек Чалгиска музика. Кажете ни повеќе?

-После завршувањето на средното музичко образование имав можност да изберам која ќе ми биде идна работа. Тоа беше  или во македонската филхармонија и професор во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Избрав воспитно педагошка работа со насочување на млади личности во област на музиката.  Работата со ученици ме оплеменува, со големо задоволство ја работам оваа работа. Се разбира секоја работа има и свои негативни страни на кои треба да се трудиме да ги насочиме во позитивна насока.  Јас како изведувач и наставник, преку мојата работа максимално се трудам да дадам свој придонес во мојата професија работејќи на полето на кларинетизмот и максимално посветувајќи се на неговата афирмација во рамките на оној вистински професионализам во образовен процес.

Професионални почетоци… група “Фонтана“…

-Професионално започнав да се занимавам со музика уште во моите студенстки денови, првите години на факултет кога напоредно со студирањето имав професионални ангажмани со мојата матична група “Фонатана“ со која започнавме да настапуваме  на свадбени церемонии и други настапи. Во овој период  некаде 2007 година произлезе студиски снимен материјал од мои 30 солистички композиции мои и 40 композиции заедно со групата “Фонтана“  кои ги снимавме во студијата на  МРТ. Тоа се и до ден денес  единствени проекти кои ја негуваат и почитуваат  македонската традиционална музика на вистински начин.Љубовта кон музиката, посебно македонската  традиционална и  кларинетот  која ја негувате  придонесува  кларинетот инструмент да блесне со сиот свој сјај во придружба на сите групи, изведувачи, солисти…Кажете ни за оваа соработка?

-Како инструменталист сум учествувал и моментално сум вклучен  во многу проекти, издадени албуми, од многу артисти и групи кои оставиле силна трага, не само во македонската туку и во европската и светска музичка сцена. Тука би ги ги истакнал најпрво  нераскинлива врска со групата Фонтана. потоа групите Етносфера, Љубојна, поп пејачката Каролина Гочева и многу други музички артисти  од Македонија и пошироко во многу проекти, а секако и концерни настапи на сцени во државата, Балканот, Европа и Австралија. Низ мојата  инструментална дејност се  реализирани многу аудио и видео записи со авторска музика и како дел на значајни музички проекти.

Вашите концертни настапи било како солист или како придружба на групите кои ги споменавте никого не оставаат рамнодушен, аплаузи, скандирања, солзи… Вашите емоции се разлеваат преку звуците на кларинетот…

-На сите концертни настапи давам се од себе. Посебно ми се драги настапите пред битолчани кои знаат да ја ценат убавата традиционална македонска музика. Поттикнат од љубовта кон музиката посебно македонската народна  традиционална и кларинетот со сите своите сили се трудам и ќе се трудам да дадам се од себе во нашето најблиско опкружување овој инструмент да блесне со сиот свој сјај да се задржи на пијадесталот на најубави музички инструменти.

Музиката е поголемо откритие од сите мудрости и филозофии. Таа е посредник меѓу духовниот и емоционалниот живот (Бетовен). Оваа мисла се наоѓа на почетокот на вашето неодамна издадено дело  „Кларинетот и кларинетистите во сериозната музика“ I дел издадено во 2019 година.

-Целта моја со издавањето на ова дело барем малку ќе придонесе во олеснувањето на музичкиот професионален пат  на многу млади кои сакаат да бидат дел од нашата професија. Делото излезе во август 2019 година. Кризата со пандемијата и намалување на обврските ми овозможија да се заврши овој проект на кој сум посебно горд. Планирам да издадам и 2 дел.  Сметав дека е потребно да се остави било каква  литература што го обработува кларинетизмот на македонски јазик. Сигурен сум дека сето тоа ќе доведе до поголема заинтересираност кај младите луѓе да го изучуваат кларинетот, а исто така ќе придоонесе во олеснување на работата кај младите кларинетисти.

На приватен план…

-Среќно оженет, сопругата Снежана голема поддршка на секаков план. Сигурен сум дека без тоа не би можел да се справувам со сите предизвици кои произлегуваат од моите ангажмани на повеќе полиња. Ако ви кажам дека заради специфичниот начин на живот кој го живеам последните 18 години, скоро сите викенди исполнети со работни ангажмани свадби, концерти… Поминував околу 50.000 км. во кола на патувања. Ако споменам дека пред пандемијата  заради професионални обврски  поголем дел од деновите од годината околу 60%  ми беа на пат, а другите исполнети со студиска и педагошка  работа.  Толеранција, разбирање, поддршка се потребни. Пандемијата и кризата со корона вирусот покрај сите негативни страни мене ми донесе малку мир и повеќе да се посветам на семејството. Овој период како и на сите и мене како да ме освести дека е потребно да се има малку мир за да се наполнат батериите.  Искрено да кажам дека бескрајно  уживав во секој миг со семејството,  без патувања и долги километри за да се стигне на сите страни.Нови проекти…

-Многу од плановите кои беа оставени настрана, сега со помирниот период за време на пандемија започнав да ги   досработувам. Моментално сум вклучен во еден проект кој носи  висок степен на професионализам и квалитет. Тоа е заеднички проект со диригентот Димитар Христов од  бугарското национално радио кој поврзува многу  соработници од целиот Балкан.  Идејата е да се создаде  музички албум со авторска музика со времетраење од 50 минути со многу емоции, почит кон музиката  од целиот Балканот:  Србија,  Бугарија, Грција, Романија. Сериозен проект кој бара многу посветеност. Се работи за проект со композиции во придружба на хор, голем симфониски оркестар. Веќе голем дел од работата е завршена и се надевам дека успешно ќе се промовиера. Врската со диригентот Димитар Христов ја започнавме уште со проектот „Ритамот на Балканите“ каде настапуваав како солист на кларинет во придружба на  оркестарот на бугарско национално радио. Како солист останав доследен на македонската традииционална музика.

Проект заедно со мојот татко Стојан Трајковски и одбележувањето на 40 години од неговата кариера. Направивме книга каде ги собравме сите негови инструментални авторски дела. Овој труд е единствен од ваков вид во нашата култура. Се што се реализира, сите проекти сакам да  ги започнувам од  Битола, се што остварувам и реализаирам го започнувам од тука. Битоал е град кој има посебна енергија и префинет вкус за музика.Ме воодушеви со колку скромност и смиреност зборуваше за својата досегашна успешна кариера со сите свои  проекти, настапи, концерти, успеси, награди…. Со ова докажа дека вистинската музика особено македонската ја оплеменува душата. Најави уште многу идни планови и проекти кои ги оставаме за друг разговор.

Маестро професор м-р Благојче Трајковски е еден од најголемите борци за зачувување и негување на чистиот македонски начин на интерпретација. Тој со сите свои проекти, концерти, студиска работа, настапи насекаде  во светот, достојно ја работи мисијата за  зачувување на македонското традиционално музичко богатство.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »