Press "Enter" to skip to content

Ѕведени мигови во “БОДИ М“  на празникот на жената

Ја славиме важноста на жените, нивната вредност и еднаквост, нивната памет и вистинска убавина-која тврдиме дека секогаш доаѓа одвнатре. Миг за средба со актерките Маја Андоновска Илијевски, Илина Чоревска и Викторија Степановска. Еве ги нивните размисли како светоглед колку е убаво да се биде жена, за мечтите, за трагите кои ги оставаме во времето, за убавината…

Маја Андоновска – Илијевски

-Убаво е да се биде жена и во мојата професија како актерка, но и во животот. За мене убава жена е силната жена. Онаа, која не се плаши да ги покаже своите емоции и слабости. Се смее кога сака, а и плаче кога ќе се почувствува така.  Таа храбро победува и кога боли.  Силната жена остава траги со своето постоење. Водена е од повисоки цели и го менува лицето на светот со отвореност да биде носителка на животот. Најубава жена е среќната жена.  Таа е незапирлива и во својот живот го повикува она што го посакува. Свесна е за себеси и не се смета подобра од другите. Во мигот кога ќе го препознае својот потенцијал и ја истакне својата памет и женственост, незапирлива е.

Илина Чоревска, актерка

-За мене вистинска жена е онаа која е доволно храбра да ги тргне сите маски и во целост да се доживее себеси. Токму онаква, каква што е.  И каков ураган да дува, таа танцува со него. Таа знае одлучно да каже “НЕ”.  Истрајно оди по својот пат, па и тогаш кога ќе ја скршат. Секој ден учи за животот. Пред себе има цел, а зад себе има и победи и порази.  И покрај се, таа има своја посебна насмевка на лицето.  Некој ќе каже има супер жени… Јас ќе речам СУПЕР е да си жена.

Викторија Степановска – актерка 

Честопати кога се зборува за жените, во моите мисли лебдат размислите за девојчињата… затоа што најдобро е свесноста за нивната равноправност да ја создаваме од мали нозе. Затоа би зборувала за нив, да ги охрабри колку се тие посебни, силни иако мали и способни во животот да остварат се што ќе посакаат.  Таа моќ е во нив, а ние треба да ја поддржуваме.  Сакам девојчињата гордо да чекорат во секој нов ден водени од своите соништа. Да имаат еднакви шанси и да ги надминат сите стереотипи со кои многу претходни генерации на жени се соочувале. Ако воспитаме силни девојчиња, создаваме силни жени и градиме убава иднина.