Постот не значи само откажување од мрсна и обилна храна, туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци, постот го нарекуваат мајка на здравјето. Современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.
Во животот на македонскиот човек, значајно место има велигденскиот пост, не само како најдолг туку и како најстрог. Инаку, нашиот народ знае за еднодневни и за повеќедневни пости. Еднодневни пости се средата и петокот, кои се постат во текот на целата година, освен во т.н. редовни седмици. Повеќе дневни пости кои одговараат на четирите годишни времиња се: велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.
Најстрог и најдолг е велигденскиот или големиот пост, кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (четериесеница), од Чист понеделник до Лазарова сабота и уште Страсната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.
Исус пред да го почне своето учење, (откако бил крстен), 40 дена минал во пустина во строг пост и молитви. А бидејќи во текот на овој период се случиле и неговите страдања (фаќањето, мачењето и распетието) и постот е проследен со многу телесни и душевни одрекувања, со самоконтрола и со подготовки за причесната кога верниците се идентификуваат со својот спасител, јадејќи од лебот што симболично го претставува неговото тело и пиејќи од виното што, исто така, симболично ја претставува неговата крв.
Оттука постот не е време на очаение и мрак, на страдања и измачување на телото и душата, туку е чин на радост и закрепнување, на љубов кон Бога и кон човекот. Затоа во една црковна песна се истакнува: ” Да постиме со пријатен пост е премамнување на злото, воздржување на јазикот, откажување од гневот, одбивање на похотите, на говорење лага и клетвопрестапништво”.
И самиот Исус во евангелието истакнува дека постот е најдобар начин за истерување на демоните:”Овој пак род, се истерува само со молитви”.
Во Стариот завет од светото писмо, постот повеќе пати се споменува, во функција на покајание и трпение или како знак на самоказнување, кога луѓето ја чувствуваат опасноста од Божјата казна и кога со пост и покајание се враќаат кон својот Бог. Некогаш овде постот е во функција на собирање нови сили или подготовка за извршување некој голем подвиг.
Во новиот завет од Светото писмо, пак, читаме дека свети Јован Крстител, целиот свој век постел во пустина, дека Исус постел 40 дена пред да излезе на јавна проповед, дека пророчицата Ана, многу години минала во храмот “служејки му на бога со пост и молитва дење и ноќе”.
Свети Јован Златоуст вели дека: “Суштината на постењето, не е во воздржување од храна, туку во оддалечувањето од гревовите. Оној што го ограничува постот исклучиво во воздржување од храна, тој бесчести над се”.
Давајќи му важност на единството на телесниот и душевниот пост, свети Јован Златоуст истакнува дека:
“Не вели ми: Толку дена сум постел, не јадев ова или она, не пиев вино, одев во старо руно, туку кажи ми дека од гневен човек стана тивок, од жесток-благ”.
Не се без значење зборовите на светите отци Василеј Велики и Јован Златоуст дека “постот е мајка на телесното здравје и ако не им веруваш на моите зборови прашај ги лекарите, тие подобро ќе ти објаснат”. Значи постот тие го поврзуваат со здравјето и го нарекуваат “мајка на здравјето”.
Вистинскиот пост почнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади, затоа што тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и сирна недела, некои ја викаат и бела недела. Прочка се вика и Сирни поклади, поради тоа што оттогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади. Инаку бидејќи рибата се смета за мрсна храна, може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето да се јаде риба на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата, од една страна да се запази постот, а од друга страна на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето. Бидејќи Велигден, а со тоа и Велигденскиот пост се со променлив датум, ако Благовештението се падне пред Цветници дозволено е да се јаде риба, масло и вино, а ако се падне на Страдалната (страсната) седмица, тогаш не се јаде ниту риба.
Инаку, од постот никој не може да биде ослободен, но има извесни олеснувања за болните, леунките, децата и сл. Во таа смисла за овие луѓе може да се дозволи употреба на масло и вино, но никако месо, јајца, млеко, па дури и риба.






