Press "Enter" to skip to content

ФК Пелистер со виртуелна продажба на “карти“, 4 влезници – 500 денари

Фудбалскиот клуб Пелистер, од Битола, од денес се наоѓа на vlez.mk, каде битолчани без разлика дали се во Битола или во друг град во светот, ќе можат да купат комплет влезници за последниот дел од фудбалската сезона. За оваа иницијатива на ФК Пелистер, на нивната официјална веб-страница стои:

-Навивачи, пријатели, симпатизери, бивши и сегашни фудбалери, фирми и здруженија, почитувачи на зелено-белата боја,

Поради огромниот број на барања и желби од Ваша страна за да му помогнете на ФК Пелистер, во време кога не можете да бидете на трибините, да навивате и да го бодрите Вашиот омилен клуб, и да дадете Ваш придонес во добрите резултати кои во овој момент ги постигнува клубот, одлучивме за третиот дел од првенството да организираме виртуелна продажба на комплет карти за натпреварите на ФК Пелистер.Свесни дека овој наш потег, може да предизвика најразлични коментари, ама тргнувајќи од фактот дека постојат огромен број на фудбалски вљубеници кои сакаат да помогнат, по долго размислување, одлучивме за третиот дел од првенството, да ставиме на располагање виртуелни карти со кои, се разбира доколку имате желба, ќе му помогнете на ФК Пелистер и ќе бидете учесник во добрите резултати.

Пелистер во третиот дел на домашен терен ќе одигра вкупно пет натпревари, а цената на комплет картите за четири натпревари ќе биде 500 денари, или 8 евра за нашите навивачи кои живеат во странство. Картите ќе можете да ги купите онлајн преку www.vlez.mk, а средствата ќе бидат директно уплатени на жиро сметката на клубот. Се разбира, доколку во наредниот период, се дозволи влез на стадионите, картите ќе можат да бидат искористени и за физичко присуство на натпреварите во Битола. За бројот на продадени карти, јавноста ќе биде навреме информирана, а се надеваме дека огромен број на наши симпатизери, јавно ќе ја поддржат кампањата на социјалните мрежи.

Со искрена надеж, дека оваа наша иницијатива ќе биди прифатена и поддржана од голем број на навивачи на Пелистер,

Ве поздравуваме и Ве очекуваме.