Во организација на Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно
друштво од Битола, во Амфитеатарот на Педагошки факултет се одржа Литературно читање “Конески“.Настанот го отвори деканот на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски и претседателката на Македонското научно друштво од Битола, доц. д-р Невена Груевска.
Овој настан беше дел од низата активности што Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола ги организираат за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот, лингвистот, преведувачот – академик Блаже Конески.
Со организирањето на ова литературно читање се реализираат две основни начела на Факултетот и на Друштвото: чествување на Конески и афирмација на македонскиот стандарден јазик.
Во литературното читање зедоа учество професори од Педагошкиот и Правниот факултет од Битола, членови на Македонското научно друштво, како и студенти од Педагошкиот факултет Битола.
Професор д-р Силвана Нешковска ги претстави учесниците во овој настан, односно професорите кои имаа свои кратки излагања за некои од монументалните поетски творби на Конески, и студентите кои ги рецитираа избраните песни.
Имено, професор д-р Златко Жоглев и студентките Ангела Најдовска и Николина Ѓуровска, се претставија со својот осврт и рецитал на одбрани стихови од циклусот песни што Конески ги посветил на Крали Марко.
Професор д-р Гордана Стојаноска, заедно со студентките Ангела Спировска, Наташа Зулумовска и Јасна Талевска, ги долови ритамот и звуците на „Тешкото“ за не да потсетат кои сме, од каде доаѓаме и кон што треба да се стремиме.
Професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска понуди свое толкување на безвременската „Стерна“, а студентките Марија Менчева, Јана Пашовска и Софија Трампеска, со својот рецитал, и дозволија на „Стерната“ да забучи повторно од подземјето, да избие на површината и да се разлее во ширината.
Професор д-р Милена Касапоска-Чадловска, со студентките Димитра Десановска и Дијана Нешковска, ја повика „Везилката“ од која Конески барал совет за тоа како се ткае стихот на една совршена „проста и строга македонска песна“.
Професор д-р Билјана Граматковски, со студентите Христијан Тунески и Ангела Димитриовска, имаше задача да потсети на волшебните љубовни стихови на Конески, што имаат моќ да го разнежнат и стоплат сечие срце.
На крај, професор д-р Милена Пејчиновска потсети на аманетот што Блаже Конески ни го остави:
-„Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“

Литературно читање “Конески“ во организација на Педагошки и МНД Битола (фотогалерија)
More from ВестиMore posts in Вести »
- КК Пелистер по завршената сезона: лекцијата е научена, следната сезона ќе биде сезона на КК Пелистер, клубот е поставен на здрави темели
- Билтен на МВР: 72 годишник крадел засилувачи за интернет на А1, полицијата го уапси
- Првиот ракометен трофеј оваа сезона во Битола – го донесоа кадетите на Еурофарм Пелистер
- “Креативен ден 2025“ во Битола – претставување на учесниците од СУГС “Кочо Рацин“- Скопје
- На Педагошкиот факултет во Битола прв доктор на науки за надарени и талентирани во Битола (фото)
More from КултураMore posts in Култура »
- Промовиран романот “Ноќта…“, кој ја доживеа светлоста на денот, од Игор Тајкоски – Фоја (фотогалерија)
- Изложба на сликарот Зоран Таневски во Галеријата и музеј “Ранко Струмениковски“ во Битола (фото)
- Промовиран документарниот филм “Слободата заборавена меѓу регистрите“ (фото)
- Кога зборовите се враќаат дома: Лидија Димковска во Книжевниот клуб Утопија во Битола (фото)
- Објавен конкурс за доделување на наградата “Антево перо“