Press "Enter" to skip to content

Утре, со изложбата “Азбука“, на Широк Сокак во Битола, се затвора 17. колонијата “Де Ниро“

Во духот на истрајноста и континуитетот на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ од Битола, затворањето на нејзиното 17-то издание ќе биде одбележано со отворање на изложбата „АЗБУКА“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски.

-Изложбата ја посветувам на нашиот Великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење. Тој ги постави темелите на современата македонска азбука. Беше близок и со моите родители. И татко ми Петре, и мајка ми Светлана Христова – Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата го љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот. Изложбата ја нареков „АЗБУКА“. Целта е да ја разбудам јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван. Ова ќе биде мојата поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашето современо писмо Блаже Конески, во годината кога се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. Изложбата е циклус од 31 слика – секоја буква има своја приказна, свој свет, ќе каже Анреевски и додава:

-Меѓу другото, имајќи ја во предвид состојбата со пандемијата, замислата ми е, овој циклус да го претставам и на отворено. Односно, на отворено ќе бидат посетителите, случајни или намерни, а сликите ќе бидат изложени во излозите низ целиот битолски Широк Сокак. Верувам дека ова ќе биде многу оригинално и атрактивно претставување, своевидно изненадување за јавноста.

Свеченото отворање е закажано во петок, на 27-ми август со почеток во 19:00 часот, пре пицеријата „Де Ниро“, Битола. Оваа година Меѓународната колонија „Де Ниро“ беше  домаќин на ликовни уметници од Германија, С. Арабија, Црна Гора, Србија, Грција и Македонија, а покрај главната програма, дел од колонијата беа и меморијалната изложба на Миливоје Новаковиќ – Кањош, изложбата на Панде Петровски, поетско музичкиот перформанс на Пијан Славеј и Славчо Јовев…

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »