Press "Enter" to skip to content

Д-р Зоран Николовски со нова книга Лексичките англицизми во францускиот јазик од 1945 до 2005 годи­на

Неодамна, во издание на Економскиот факултет-Прилеп, при УКЛО од Битола, излезе од печат монографијата Лексичките англицизми во францускиот јазик од 1945 до 2005 го­ди­на од нашиот сограѓанин проф. д-р Зоран Николовски.

Оваа монографија се состои од 480 страници компјутерски набран текст и претста­вува придонес во проу­чу­вање на односите меѓу францускиот и англискиот јазик низ призмата на лексичките заемки што француското општество ги востановило во својот јазик под влијание осо­бено на американското и донекаде на британското општество во периодот по Втората светска војна.Авторот, д-р Зоран Николовски си поставил за цел во трудот да ги проучи англиските лексички заемки во францускиот јазик од два аспекта: од лингвистички и од социокултурен аспект. При вториот аспект авторот се користел со оригиналниот пристап на Жорж Маторе кој, продолжувајќи ја социолошката тра­диција на Бреал и Меје, дал нов приод кон лексикологијата кој се состои од ставот дека вокабуларот на една култура е нејзин показател и токму затоа во лексиколошките проучувања треба да се тргне од зборовите за да се разбере процесот на општествениот развој.

Проф. д-р Звонко Никодиновски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје истакнува дека ширината на зафатот, минуциозноста во истражувањето, прегледноста на резултатите, се главните каракте­ристики на оваа книга. Овој труд на очигледен и убедлив начин го предочува влијанието што англискиот јазик од втората половина на XX – от век го има извршено врз францускиот јазик на полето на лексиката и тоа во сите сфери од човековото живеење.

Книгата се одликува како со теориска така и со прак­ти­чна вредност : со теориска, зашто авторот ја докажува на дело поврзаноста меѓу јазикот, културата и општеството и со практична, зашто читателот во своите раце добива детален опис на лексичките англицизми во францускиот јазик од 1945 до 2005 година.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »