Press "Enter" to skip to content

“Бесмртноста на Блаже Конески“ документарен филм на Искра Талевска, промовиран на Педагошки (фото+видео)

Во амфитеатарот на Педагошкиот факултет во Битола, се одржа првата проекција на документарниот филм со наслов “Бесмртноста на Блаже Конески“, изработен од студентката Искра Талевска. Овој документарен филм е само една од активностите кои се реализираа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески на Педагошкиот факултет во Битола во соработка со Македонското научно друштво – Битола. Настанот воедно беше и одбрана на дипломскиот труд на студентката Искра Талевска под менторство на вонр. проф. д-р Силвана Нешковска.Документарниот филм вклучува интервјуа со блиски пријатели, соработници и студенти на Блаже Конески, но и снимки од други настани со коишто Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво – Битола ја одбележаа 100-годишнината од раѓањето на Конески.Дел од тие настани беа Литературното читање со наслов ,,Конески” и Тркалезната маса „Делото на Конески – постојан извор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата“ посветена на делото на Блаже Конески, како и посетата на спомен куќата на Конески во Небрегово од страна на делегација на студенти и професори од Педагошкиот факултет – Битола.

На промоцијата на филмот присуствуваа Деканот на Педагошкиот факултет- Битола, проф. д-р Добри Петровски, заменик претседателот на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Сашо Кочанковски, поетот Радован П. Цветковски, како и професори и студенти од Педагошкиот факултет во Битола. 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »