Кандидатот за градоначаник од ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Тони Коњановски, денес одржа прес конференција на која зборуваше за развојот на општина Битола, и рече:
-Основата за развој на локалната економија на општина Битола, ја темелиме врз стратешки план за развој, ќе биде идентификувана прецизно “мапата на ресурси” на Општината, која треба да прерасне во стопанско – индустриски и туристички центар од важно национално и субрегионално значење. Да создадеме современи услови на претприемништвото каде ќе учествуваат сите потенцијали на Битола. Општината треба и ќе биде брза и ефективна при решавање на барањата на бизнисот во Битола, да можат фирмите да растат, да инвестираат и да вработуваат.
На вчерашната средба со претставниците на стопанската комора, заклучокот беше јасен и гласно потврден од мене, Општината да биде партнер на стопанствениците, да овозможи услови за нови инвестиции, унапредување на работата на бизниси, отворање на работни места, администрацијата да биде сервис за нивните потреби, да не губат време во бирократија како што беше случајот во изминатите 4 години под власт на СДСМ.
Сакам да ви ветам на сите дека јас ќе бидам Градоначалник за сите, заедно да си го подобриме живеењето во нашиот град, дека ќе овозможиме нови инвестиции и нови работни места. Сакам да ви ветам дека нема да бидам бизнисмен кој општината ќе ја раководи како фирма за остварување профити и делење проценти. За мене Општината не е фирма, општината не е бизнис, општината е јавен сервис кој треба а ви служи вам. Јас ќе бидам градоначалник кој што ќе создава услови бизнисмените успешно да ги развиваат своите бизниси и заедно со нив ќе ги решава проблемите на бизнис заедницата.
Почитувани, рецептот е едноставен, само со работа и заедно ќе ги решаваме сите овие прашања, заедно со мојот тим и професионалната општинска администрација, но врз основа на сугестии, стручното знаење и искуството на приватниот сектор и стопанствениците.