Press "Enter" to skip to content

Денес премиера на претставата “И коњите ги убиваат, зар не?“ на Народниот театар Битола (фото)

Премиерата на претставата “И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија и адаптација на Мартин Кочовски ќе биде вечер на големата сцена „Благој Стефановски Баге“ на НТ Битола, кои се надеваат дека ќе има долг живот на театарската сцена, а денешната премиера е распродадена.

Откако на крајот на минатата година имаше онлајн премиера со снимка на Јутјуб, конечно претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ работена според романот на Хорас Мек Кој, во режија и адаптација на Мартин Кочовски ќе ја има и премиерата во живо, пред битолската публика.  Дејството се случува за време на големата депресија во САД, кризата предизвикана од неа, во тој сплет на околности ги имаме и ликовите на претставата кои во реализација на своите соништа тргнуваат во натпреварот на издржливост со цел да ја освојат главната награда.-Нашата претстава ја третира нашата генерација на луѓе родени на крајот на 70-те, почеокот на 80-те, нашата сегашна позиција во општеството. Како што самите гледаме, 30 години сме де во депресија, де во летаргија, де во апстененција од тоа луѓето да си ги земат работите во вои раце и одлучуваат за својата судбина. Оваа претстава ги третира проблемите кои не засегаат“, рече Иван Јерчиќ, директор на Народен театар Битола.

Режисерот Мартин Кочовски, роден битолчанец, потенцираше дека за него е многу важно што оваа претстава се право во Битола.-Претставата е за мене исклучително важна и уникатна заради тоа што е во голем дел автобиографска, интересното е што се работи за некаква врска меѓу драмскиот текст и мојот личен живот. Важното е што оваа претстава се направи во Битола, кој е мојот роден град и дека е сработена со луѓе кои јас ги познавам откако сум роден. Заради тоа што има специјална приказна, уникатна е приказната по таа форма дека зборуваме за некои работи кои вистински ни се случиле. Кога се гледа претставата се гледа чувство на блискост. Многу е комплицирано да се објасни без да се доживее претставата, но се надевам дека ќе ја разберете кога ќе ја гледате што точно сакам да кажам. Важно  е дека претставата е тука, не во друг театар. Овој театар, не само заради моите лични или локални симпатии, се уште е еден од врвните театри во регионот. Претставата се занимава во еден дел со бивша Југославија“, потенцираше Кочовски.

Илина Чоревска која игра во претставата рече:-Ние сме генерација која носи некаков вид трагика во себеси, некако го претрча својот живот во време-невреме, каде секогаш имаше нешто што не држи на климави нозе. Се работи за преизведба на овој текст, работевме по сценариото на филмот, кој особено постарата генерација го знае, го зедовме за сиже.

За еден од помладите актери во овој ансамбл, Никола Стефанов, ова е прва поголема улога.-Ова е прва поголема улога која носи товар кој треба да го износам бидејќи е комплексна претстава, која бара многу кондиција и која зборува многу. Мислам дека ќе има долг век претставата.

Превод од англиски го направи Снежана Крајчевска Плушковска, а асистент на режија е Јован Ристовски. Играат Илина Чоревска, Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Анастазиа Христовска, Викторија Степановска- Јанкуловска, Филип Мирчевски, Марија Стефановска, Живко Борисов, Здравко Стојмиров и Александар Стефановски.

Сценографија и дизајн на плакат: Филип Јовановски, а костимографијата е на Јулијана Бојкова Најман. Музиката е на “Фолтин“, а тон  дизајнер е Александар Димовски  и свветло- дизајн на Игор Мицевски и Горан Петровски. 

Од НТБ информираа дека премиерата ”И коњите ги убиваат, зар не?” е целосно распродадена.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »