Press "Enter" to skip to content

Меѓународна научна конференција на УКЛО  „Улогата на високото образование во развојот на општеството“

Во периодот од 24 до 26 септември, 2021, во Охрид се одржа првата меѓународна конференција организирана од страна на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со поддршка од Фондацијата Ханц Зајдел, на тема „Улогата на високото образование во развојот на општеството“. На оваа Конференција, којашто беше организирана како хибриден настан, учество зедоа повеќе од 60 академски кадри од нашата земја и земјите во регионот.Во својот поздравен говор ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски го истакна огромното влијание на универзитетите на национално но и светско ниво во развојот на општеството. Тој ја потенцира важноста на различните универзитетски мисии како клуч на моќта на европското високо образование и наука, што воедно претставува и фокус на Визијата на универзитетите 2030, како документ со стратешко значење. На крајот од својот говор, ректорот Коруновски ги поздрави присутните гости и учесници на конференцијата кои, со големиот одзив и пристигнатите научни трудови, потврдија дека замислата на УКЛО за органзирање вакви настани како форми на поврзување се можност за развивање на квалитетни иницијативи.На Конференцијата свое обраќање пред присутните имаа: проф. д-р Анастас Герџиков, ректор на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Азис Положани, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, проф. д-р Артур Адили, проректор на Универзитетот во Корча, и проф. д-р Грегорис Заротиадис, декан на Економскиот факултет на Универзитетот Аристотел во Солун.Покрај нив во посебните научни сесии, модерирани од страна на проректорите на УКЛО, проф. д-р Љупче Кочоски и проф. д-р Игор Неделковски, со свое обраќање се претставија и проф. д-р Иванка Поповиќ, ректор на Универзитетот во Белград, проф. д-р Георги Валчев, проректор на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Попи Калампука, од Меѓународниот грчки универзитет и проф. д-р Бранислав Ѓорѓевиќ, директор на Институтот за меѓународна политика и економија од Белград.

More from ВестиMore posts in Вести »