Press "Enter" to skip to content

д-р Тони Коњановски: За Битола треба да се работи, а не од неа да се заработи!

Кандидатот за градоначалник на Битола, од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, денес со дел советниците одржа прес конфенеција на која рече:

-Јас одлучив да влезам во борба за Битола, но заедно со Вас! Верувам во Битола, во нејзината способност да се издигне повторно во урбан и динамичен град! Верувам дека токму вие, битолчани, го имате решението да ги надминеме заедничките проблеми кои го уназадуваат градот во последните години!  Мојот фокус се најгорливите проблеми кои не допираат сите, без  исклучок.  Знам дека нашите стопанственици можат и сакаат да инвестираат во Битола и да отвораат нови работни места. Затоа ветувам, дека општинската администрација ќе биде брза и ефикасна за да ги поддржи,  да ги ослободиме од бирократијата која траеше 4 години. Да останат младите  во Битола и да имаат можност да изградат кариера, да основаат семејства.

Ветувам дека сериозно ќе се зафатиме со прашањето за здрава животна средина, еден од чекорите е да ја гасифицираме Битола. Да го искористиме РЕК и да изградиме топлификација во Битола, да ја зачуваме животната средина и реално нешто да промениме кон подобро, промена која е од корист за сите. Место да зборуваме колку е нечист градот преку социјалните медиуми да се зафатиме со решавање на отпадот по нашите улици, да ги подобриме и модернизираме комуналните услуги. Чекор напред кон почист и поубав град се повеќе зелени површини и паркови.  Да ги поддржиме креативните луѓе во градот да создаваат култура! Да ги поддржиме спортистите да можат да функционираат нормално и да се посветат на развој на спортот во градот. Конечно Битола да стане вистински велоград. Јас сум убеден дека можеме, јас силно верувам во развиена и организирана Битола, која вистински ќе ја претвориме во поубаво место за живеење.  

Ова се само неколку од приоритети на кои ќе се посветам од првиот ден како Градоначалник на Битола заедно со вас, потпирајќи се на вашето знаење, секој од својата област. Бидејќи што е Битола ако не луѓето кои живеат овде?  За Битола треба да се работи, а не од неа да се заработи! Мои битолчани, како мои единствени и најдобри сојузници, ве поканувам вечер на големата и директна средба на плоштадот Магнолија во 20 часот и 30 минути, уште еднаш да го потврдиме сојузништвото, да ја потврдиме решеноста дека Битола мора повторно да се исправи! Гласно да кажеме дека нема да дозволиме, како изминатите 4 години, да се потрошат 120 милиони евра од  општинскиот буџет а да не се реши НИТУ ЕДЕН проблем на граѓаните.  Да повториме уште еднаш од центарот на градот – општината е јавен сервис за СИТЕ битолчани, општината не е приватна фирма. Тоа што СДСМ ја потценува Битола, не потценува нас битолчани ќе биде нивниот пораз. Мои битолчани, ви ветувам дека заедно со вас нема да дозволиме Општината да биде узурпирана од сомнителни бизнис интереси на грбот на граѓаните! 

More from ВестиMore posts in Вести »