Press "Enter" to skip to content

Стартуваа и бруцошите на ФИКТ, по знаења поврзани со иднината на секое општество (фото)

Стартот на новата академска 2021/2022 година на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола започна со пригоден настан, на кој беа присутни новозапишаните студенти и нивните професори, а новата академска година и ја честита проректорот, проф. д-р Игор Неделковски.Од името на УКЛО се обрати проректорот, проф. д-р Игор Неделковски кој на новата генерација студенти им ја пренесе подготвеноста на Универзитетот за постојано јакнење на конкурентноста,  напорите за поврзување со стопанството, можностите за нудење решенија и градењето партнерски однос со општествените  чинители  и реалниот сектор од опкружувањето. Проректорот, проф. д-р Игор Неделковски за студентскиот подмладок на ФИКТ изрази уверување дека тоа се млади луѓе кои знаат дека информатичките знаења не се само глобален тренд, дека тоа се знаења поврзани со иднината на секое општество.Кога се живее во време кога познавањето и примената на информатичко комуникациските технологии во современиот свет претставува еден од основните елементи на писменост и култура на човекот, факт е дека информатичко комуникациските технологии  се добра основа за делотворна и креативна примена на знаењата. Токму затоа, младите луѓе денес повеќе од било кога се одлучуваат да студираат информатички и комуникациски науки, зашто светот благодарение на информатиката функционира како „глобално село“.Покрај овие непобитни факти, изборот да се запишат и да студираат на факултет како што е ФИКТ се потврдува и со годинашните уписи. Заклучно со третиот уписен рок на Факултетот за информатички и комуникциски технологии се запишаа 130-на  нови бруцоши.На свечениот час, новата генерација студенти на ФИКТ ги поздрави и срдечно добредојде им посака и деканот на ФИКТ, проф. д-р Александар Маркоски. Запознавајќи ги со поставеноста, организацијата и севкупните услови на факултетот, деканот Маркоски истакна дека со стекнувањето диплома на ФИКТ веднаш по дипломирањето младите луѓе го започнуваат  и својот професионален пат бидејќи побарувачката на информатички, стручен кадар е потреба за секоја сериозна и одговорна компанија. Воедно, со добрите финансиски бенифиции што ќе ги стекнат по вработувањето, дипломираните студенти од ФИКТ  стекнуваат самостојност, уште поголема сигурност и лична сатисфакција. Од Факултетот за информатички и комуникациски технологии по повод пригодатата, потсетуваат на идејата дека само преку најновите технологии може да се придонесе  и за социјален и економски напредок во новиот дигитален свет. 

More from ВестиMore posts in Вести »