Press "Enter" to skip to content

“Боја родена од музиката“ изложба од Борислав Траиковски на “Интерфест“ (фото)

Во рамки на 30-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на класична музика “Интерфест“ во Битола, синоќа во салата на НУ Завод и Музеј Битола, свечено беше отворена изложбата “Боја родена од музиката“ од акад.сликар Борислав Траиковски (1917-1996). На изложбата беа презентирани 20 закувани дела од Траиковски со еден силен концепт, кои се создавани пред повеќе од половина век, токму во придружба на музиката, која сликарот ја слушаше творејќи во своето атеље во Бистрица.На изложбата од страна на Владо Ѓорески, историчар на уметност меѓудругото беше истакнато дека:

-Борислав Траиковски остави богат ликовен опус кој што постојано ќе биде толкуван, разоткриван, доживуван, чувствуван. Вистинското творештво, секогаш е вон временско и секогаш воспоставува спиритуални мостови со иднината, со минатото и сегашноста затоа што неговиот екстракт е постојано над прагмата и над испразнетата баналност на постоењето, всушност тоа е единствената човечка светлина која особено денес ни е вистински и суштински потребна за нашиот понатамошен елементарен опстанок. Погледнато од денешен аспект, делото на Траиковски, не само што добива се подлабоко значење туку тоа е воедно пророчки поставено пред денешната поплава од ботовска, обесчовечена, комерцијална и материјална поплава на испразнета и безначајна визуелизација која наместо да биде исфилтрирана од човечката цивилизација таа претставува лажен и промашен сурогат на цивилизација. Траиковски е во равноправен дијалог со европското ликовно движење, неговиот опус е оригинален и впечатлив дел од историјата или од ликовната европска уметност. Неговото сликарство може слободно да биде поставено низ европските ликовни центри без никакви дилеми. Наметнатата доминација е проблем на европоцентристичката култура која денес е очигледно во сериозна криза. 

 Изложбата ќе биде поставена за времетраењето на фестивалот “Интерфест“.

Фото: Славе

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »