Press "Enter" to skip to content

Совети од лабораторија: АСО (АСТО) титар – за стрептококот да не остане притаен

Авторот е дел од тимот на ПЗУ “Д-р Костурски“ во Битола, во дијагностичкаta биохемиска лабораторија.

АСО титар е медицинска скратеница за Антистрептолизински титар. Со лабораториско мерење на овој титар се прикажува присутноста и количината на антителата кои ги создава организмот како реакција на присуството на Стрептолизин О кој го произведуваат бактериите на Бета хемолитички стрептокок од групата А или познат како гнојна бактерија (Streptococcus pyogenes). Тој е еден од најчестите предизвикувачи на бактериски инфекции кај луѓето.

Најчесто погодена популациона група од оваа бактерија се децата и се манифестира како стрептококна ангина на грлото, Шарлах, перитонзиларен апсцес (гнојна кеса во пределот на крајниците), воспаление на средното уво, синузити а може да се манифестира и како кожни инфекција од типот на стрептококен еризипел (црвен ветер), импетиго и флегмона. Поретко, но сепак не е исклучено да се манифестира како воспаление на белите дробови, сепса или менингит а не е исклучено да се појави како гноен артрит (воспаление на зглоб).

Кај возрасните оваа бактерија може да предизвика појава на реуматска грозница, акутен гломерулонефрит (воспаление на бубрезите), акутен фарингит (воспаление на грло), потешки форми на пнеумонии, септични шарлах-трески, лимфаденит па дури и гангрена.

Што е карактеристично за оваа бактерија. Првичниот контакт како и самата инфекција може да помине и со полесни симптоми на воспаление. Бактеријата се гнезди најчесто во горните дишни патишта и како таква некогаш може да помине и со полесен третман. Но со угинувањето на бактеријата и со нејзиното распаѓање се ослободува од внатрешноста на бактеријата еден протеин наречен Стрептолизин О кој е вистинскиот проблем во сета оваа инфекција. Тој е силен токсин и мошне штетно влијае на ткивата во организмот. Може да ги оштети бубрезите, мускулите, зглобовите. Во медицината владее мислењето дека овој токсин „ќе го помилува срцето а ќе ги оштети зглобовите“. Зошто е тоа така…

Кај срцето најчесто предизвикува оштетување на срцевиот мускул а често страдаат и залистоците на срцето каде може да се јават и трајни последици. Кај зглобовите оштетувањето може да се манифестира со оток, црвенило, болно движење што сугерира на длабоко оштетување на рскавицата на зглобот. Таквата болка мигрира од еден на друг зглоб зафаќајќи ги најчесто поголемите зглобови.

Како да ја препознаеме инфекцијата со стрептокок А за да можеме навремено и соодветно да реагираме. Во тоа ни помага методата на одредување на АСО титар. Имено, кај заразените пациенти стрептолизинот О делува како протеински антиген кој кај пациентот провоцира создавање на антитела. Мерењето на концентрацијата на тие антитела се нарекува АСО-титар. Овој титар почнува да расти најбрзо за 1 недела од инфекцијата, а најголема вредност достигнува за 3 – 6 недели после инфекцијата. Доколку во меѓувреме не се случи некоја реинфекција тогаш овој титар ќе се врати на почетно ниво дури после 6-12 месеци.

Важноста на овој титар е во тоа што тој укажува на ризикот од појава на доцни последици од стрептококните инфекции како што се Ревматска грозница и постстрептококен гломерулонефрит а кои можат да остават тешки последици особено по здравјето на децата.

Нормалните вредности на АСО – титар се ≤ 200 lU/mL . Зголемени вредности може да се забележат само кај 80 – 85 % од заразените пациенти со оваа бактерија, што значи дека негативниот тест не ја исклучува оваа дијагноза.

Употребата на антибиотици непосредно пред правењето на ова тестирање може да даде лажно негативен резултат. Во тој случај се препорачува повторување на анализата за 10 дена. Постоењето на микроинфекции во организмот (пр. расипан заб, или корен кој има апсцес) може да го одржува нивото на овој титар високо во подолг временски период.

Доколку АСО титарот е повишен, а не е проследен со други клинички манифестации тогаш тоа значи дека детето неодамна прележало стрептококна инфекција најверојатно ангина. Во тој случај најдобро е да се направи брис од грло а анализата на АСО – титар да се повтори за 1 месец и после 6 месеци.

Тешко е да се извлечат заклучоци или да се постави дијагноза ако само еден параметар се разгледува засебно, затоа тие се разгледуваат во контекст на повеќе параметри. Така разгледувањето на АСО-титар треба да биде заедно со нивото на вкупни леукоцити, леукоцитарна формула, нивото на ЦРП, како и низа други параметри на автоимуни заболувања. Затоа интерпретацијата на резултатите оставете ја на експертите.