Press "Enter" to skip to content

Кондовски: Битола ќе добие Центар за талентирани ученици и Туристички инфо центар

-Реализацијата на иновативни идеи кои значат развој на нашиот град се значаен дел од мојата мисија како иден градоначалник.  Дополнително, ставањето во функција на општинските објекти кои се оставени во заборав, ќе биде првиот пример на зголемената ефикасност и плодотворност на идната општинска администрација, рече на почетокот на пресот, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и додаде:

-Во таа смисла, денеска најавувам неколку проекти кои ќе бидат реализирани во општински објекти, кои забот на времето со години ги руинира.  Првата идеја се однесува на можеби една од најзначајните категории граѓани – талентираните ученици.  За нивно препознавање и развој моментално не постои никаква институција.  Затоа ќе отвориме Центар за работа со талентирани ученици.  Преку него ќе се препознаваат, насочуваат и развиваат нивните таленти – главно низ квалитетни едукативни работилници. Овој центар ќе се овозможи вмрежување на талентите од Општината, размена на знаења и искуства, стекнување нови вештини и подготовка на младите за домашни и меѓународни натпревари.Во рамките на овој центар ќе функционира и Центарот за млади кој ќе обезбедува системска поддршка преку програми кои ќе го поддржат нивниот личен, социјален и професионален живот.  Средствата за реализација на проектот ќе ги обезбеди општината од својот буџет со поддршка од Агенцијата за млади и спорт.  Локацијата на центарот ќе биде во овој објект, веднаш до Офицерскиот дом, популарно викан – Парк.  За таа цел истиот ќе биде соодветно адаптиран и реновиран. 

Во истиот објект ќе биде сместена уште една институција – Туристичкиот инфо центар на Битола, кој ќе има за цел да го промовира туризмот, капацитетите и убавините на нашата Општина. Центарот ќе ја интензивира соработката со туристичките работници, националниот парк, локалната и централната власт.  Сето тоа ќе биде во насока на побрз развој на туризмот во општината. Посебен акцент ќе ставиме на развој на туризмот во потпелистерските села, а се предвидува и проект за летен рекреативен центар. 

Драги битолчани, на овој начин преку сериозен пристап, реализација на иновативни идеи и искористување на досега неискористените просторни капацитети на општината, заедно ќе го овозможиме најдоброто за нашата Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »