Press "Enter" to skip to content

Кондовски: ќе продолжи набавката на еколошки јавен превоз за намалување на аерозагадувањето

-Како идна локална самоуправа ќе го решаваме проблемот на прекумерна употреба на возила, сообраќаен метеж и загадување. Во јавниот превоз ќе воведеме нови линии и мали и еколошки возила кои на најефикасен начин ќе одговорат на потребите на битолчани, истакна денеска на прес конференција кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски.

-Зелената агенда е на сила. Загадувањето на воздухот веќе не е табу тема бидејќи ги чистиме и воздухот и водата. Ќе продолжи набавката на еколошки јавен превоз за уште повеќе да се намалува аерозагадувањето во градските средини.“-рече тој, додавајќи дека зелената агенда ќе се спроведува и преку субвенции за набавка на возила со хибриден погон или електрични возила за такси превозот, кој пак ќе биде униформиран по принципот на западните земји со рекомпонирање на фиксните такси локации според тековните потреби.

-Електромобилноста е можност на 21 век, која за брзо ќе стане реалност. Ние како Општина мора да имаме визија и капацитет да ги следиме светските трендови. Затоа планираме поставување на повеќе пунктови за електрично полнење во општина Битола. Со сите овие мерки ќе овозможиме јавен и такси превоз по мерка на нашите сограѓани. Тоа ќе го намали сообраќајниот метеж , но и загадувањето од возилата, објасни Кондовски.

Рече дека нашата држава станува привлчена за инвестирање во зелена агенда. 

-Од сонцето правиме струја. Од ветерот правиме струја. Од оптадот правиме струја. Следете ги македонските полиња, ќе никнат стотици ветерници и фотоволтаици. Градиме пречистителни станици за да ги заштитиме водите и почвата на нашата земја. Ќе продолжи распределбата на субвенциите за инвертери за греење и за енергетско ефикасни фасади. Гасот стига до домаќинствата, не постои поеколошки и поефтин енергенс, додаде Кондовски.