Press "Enter" to skip to content

Кондовски: Битола ќе добие мултифункционален спортски центар со аква парк, хотелски комплекс…

Битола ќе биде град во кој спортистите и спортските објекти ќе го имаат заслуженото внимание и ресурси. Спортот и рекреацијата ќе бидат достапни за секого во нашата општина, порача кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски на промоцијата на проектот за изградба на Мултифункционален спортски центар.

-Големиот Мултифункционален спортски центар ќе располага со аква парк и затворен базен, кошаркарско, фудбалско и тениско игралиште, како и хотелски комплекс со вклучен инвеститор. Овој проект ќе претставува јавно приватно партнерство, а од буџетот на општината ќе се одделат 3 милиони евра. Реализацијата на овој грандиозен спортски објект, кој ќе претставува гордост на нашиот град, ќе се одвива преку јавна понуда за изведба и изградба – вклучувајќи заинтересирани инвеститори љубители на спортот, но и на нашиот град, најави Кондовски.Со изградбата на овој Мултифункционален спортски центар, Кондовски очекува бројни придобивки за граѓаните и општината.

-Придобивките се бројни. Првенствено спортскиот центар ќе претставува адекватно место за многу спортови, рекреација и социјализација, а во него конечно ќе се најде и долговетуваниот проект за затворен базен. Реализација на овој проект ќе значи отворање на нови работни места и дополнителни приходи за општината. Но, ефектот ќе го почуствуваат сите граѓани на општината и правните лица кои ќе соработуваат при изградбата, а потоа и ќе се вклучат во функционирањето на овај центар. Рок за реализација на проектот е 4 години, a вредноста на проектот е 4.000.000 евра, рече Кондовски.

Кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата рече и дека „Битола – спортски град“ е една од најчесто употребуваните фрази поврзани со oпштината, која со спортскиот комплекс што ќе биде изграден ќе добие своја потврда. Кондовски подвлече дека битолските спортисти и клубови се мобилни амбасадори и најдобри промотори на Битола кои и досега се поддржуваа од локалната самоуправа со 30 милиони денари.