По повод празникот „Свети Сава“, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше средба со претставници на Заедницата на Србите во Македонија во Битола. Коњановски, честитајќи го празникот, на сите припадници на српската заедница во нашата држава им посака многу здравје и понатамошна соработка во интерес на реализација на заложбата за подобра иднина на денешните и генерациите кои доаѓаат.
Градоначалникот Коњановски, на средбата беше информиран за тековната работа на Заедницата на Србите од Битола, како и за понатамошните планови насочени кон продлабочување на соработката со локалната самоуправа.
Претседателот на Заедницата на Србите во Македонија во Битола, Зоран Жугиќ, на градоначалникот Коњановски му подари Зборник „Сто години од пробивањето на Солунскиот фронт“, во кој се обработени над 30 научни трудови од познати македонски и српски историчари, научни работници и книжевници.






