Press "Enter" to skip to content

Денес е задушница, сеќавање за починатите

Како сите Православните христијани, така и верниците од Битола, денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите, која секогаш се “паѓа“ в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка, кој секогаш “паѓа“ во недела.

Инаку, православната црква, а секако и Македонската православна црква, пропишала посебни денови, задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите, а денешната е првата во годината. 

Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот. Се верува и дека свеќата запалена на овој ден гори се до следната Задушница. Исто така постои верување дека ако на Задушница не се запали свеќа, мртвите една година ќе бидат во мрак.

Според верувањата на Задушница не се работи, чисти и пере, не се работи ништо со волна, а не треба да се користат ниту ножици и игли.