Press "Enter" to skip to content

Со програмата “Зајакнување на општинските совети“ до транспарентни, отчетни и автономни локални самоуправи

Програмата „Зајакнување на општинските совети“ на Швајцарската агенција за развој и соработка, во изминатите пет години се спроведе во 24 општини во државата, меѓу кои и Битола. Како дел од првата компонента на програмата, повеќе од 420 општински советници поминаа над 100 обуки кои им помогнаа да ги подобрат своите знаења и вештини за 11 области во надлежност на локалната самоуправа и добија можност за дигитално вмрежување, учење од далечина и сертифицирање преку наменска веб платформа изработена во рамки на програмата.

На завршниот настан во Скопје, се обрати и претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска , која рече:-Сметам, дека од суштинско значење за општина Битола е тоа што во рамките на овој проект, за Советот на општина Битола беше обезбедена дигитална технологија (Stream Line) коja овозможи седниците на Советот да се пренесуваат во живо на социјалните медиуми (Facebook и Youtube каналот), a за граѓаните беа достапни и на официјалната страна на општина Битола. Тоа се случи во период кога, да не речам, постоеше сиромашен медиумски простор, што овозможи граѓаните без цензура и никакви искривувања, туку напротив сосема објективно да се запознаат со работата на Советот, со работата на секој советник, нивни локален претставник, за кого гласале. Јас како претседателка на Совет на општина Битола, првин би сакала да кажам дека би била среќна општина Битола и натаму да биде вклучувана во проекти кои првенствено ќе ја доближуваат до граѓаните, ќе ја зголемуваат и унапредуваат нејзината транспарентност и отчетност. Ние, како Совет и како општина, со започнувањето на овој мандат, отидовме чекор натаму, со тоа што не се пренесуваат во живо само седниците на Советот, туку сега граѓаните имаат целосен увид и во работата на седниците на Комисиите. На овој факт, исто така, може да се гледа и како одржливост, но и отвореност кон граѓаните, можност тие непосредно да ја следат и работата на Комисиите, која без сомнение е многу важна во однос на локалната транспарентост и достапноста на локалната отвореност кон граѓаните.

-Главната придобивка на програмата „Зајакнување на општинските совети“ е што помогна да се подобри квалитетот на живот на граѓаните во 24  партнерски општини, но во исто време воспостави алатки и пракси кои го зајакнуваат капацитетот и на советниците и на општинската администрација, и го охрабруваат учеството на граѓаните преку Форумите на заедницата. Проектот дополнително финансираше мали проекти произлезени како резултат на граѓанското учество, меѓу кои и снабдување со противпожарни возила. Со ова се трасира патот кон изградба на транспарентни, отчетни и автономни локални самоуправи кои на прво место ќе ги имаат потребите и интересите на граѓаните. Швајцарија останува посветен поддржувач на доброто владеење на локално и национално ниво во РСМ, изјави Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во земјава.

Програмата „Зајакнување на општинските совети“ се реализираше со вкупен буџет од 3,5 милиони швајцарски франци, а ја спроведе Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).

More from ВестиMore posts in Вести »