Press "Enter" to skip to content

Шарески трио & Симеон Петров приредија вистински светски џез амбиент во Битола

Во клубот “Јагода“ во Битола, етаблирана точка која пар години е сцена за домашни и странски артисти од светот на електронската музика, за прв пат се организира концерт под наслов “Thursday We Jaz“ на кој настапи македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески со своето трио, а специјален гостин беше младиот трубач со париска адреса и македонски корени Симеон Петров.Шарески е џез музичар од светска класа, дипломец е на колеџот во Беркли-САД, има издадено седум албуми со оригинална музика и настапува на познати џез-фестивали низ цела Европа и светот.На концертот во битолскиот клуб “Јагода“, локација која е всушност реконструран железнички магацин и го има оној “вајб“ на берлинската авангардна сцена, на која Шарески е веќе одомаќинет, настапи со познатата формација во која се Оливер Јосифовски на бас и Александар Петровски на тапани. Концертот на Шарески триото само потсети колку џезот е иновативен, колку личните стилови на музичарите имаат слобода, покажувајќи ја таа идеална димензија во која секој музичар има свој уникатен звук, како што секој човек има уникатен карактер.Младиот трубач кој е роден и живее во Париз, Симеон Петров воодушеви и даде една поинаква димензија на неколку одбрани постари дела на Шарески, како и музика инспирирана од балканските, американските, па и африкански ритмови и мелодии.

За познавачите, во џез-клубовите во Европа, секогаш има концертна атмосфера. Публиката го посветува целото внимание кон бината, никој не зборува гласно, озвучувањето е совршено, а бендот може да изведува и дела со најнежна динамика. Тоа се случи во клубот “Јагода“ и ја направи таа квалитетна разлика со она што се случува на нашите простори, кога доаѓаат џез музичари, односно кај нас музиката во живо во кафулињата и клубовите најчесто е третирана како позадинска, што го минимизира она што таа има да го каже и искомуницира со публиката.

More from ВестиMore posts in Вести »