Press "Enter" to skip to content

Борче Марковски: на Фарски острови ми “фали“ семејството, пријателите и сонцето од Битола, се друго има и се работи крајно професионално (фото)

По две години работа во Фарски острови, како ракометен тренер, Борче Марковски се врати на заслужен одмор во Битола, а неговото присуство го искористивме да ги забележиме неговите импресии од оваа мала земја, за тоа како работи таму, како ги поминува деновите без сонце, за актуелните ракометни состојби кај нас, во Македонија, во Битола…Марковски уште на почетокот на разговорот не го криеше задоволството што работи како тренер во Фарски остови, а како вели работата целосно го исполнува, посветен е кон ракометот, ужива во успесите кои ги има со сега веќе поранешниот тим Стиф, среќен е што ја оправдал довербата кон управата на поранешниот клуб, но и дека е подговен за новиот предизвик.За тоа како се најде во оваа мала држава, само со 53 илјади жители, Борче Марковски вели:

-Во Битола поднесов оставка во РК Пелистер, што ми беше и последен ракометен професионален ангажман, а потоа бев тренер и ракометен координатор во клубот на Кире Лазаров, односно школата КЛ7, кој работеше во Битола. Таму имавме 120 дечиња на мала возраст кои имаа желба да напредуваат. Во тој период од две години имав неколку понуди и дојде понудата од Фарски Острови, каде сум веќе две години, а продолжувам уште две сезони со промена на ракометен клуб. Ракометната федерација на Фарски Острови гледајќи го моето си-ви, во кое имам доста години работено со млади категории, со женски ракомет, со машки ракомет, со сите видови на категории, а тие бараат токму ваков тренер, за развој на ракометот во државата, му понуди да бидам дел од нивниот тим. Понудата ја добив преку ракометната федерација на Фарски Острови, за да работам во првиот ракометен клуб на таа држава, Стиф. Понудата ја прифатив иако ракометот и спортот таму е аматерски, знаејќи дека тие вложуваа во ракометот и фудбалот се повеќе и повеќе почнувајќи од деца од најмала возраст. Имаат голем напредок и ќе имаа засилен развој, бидејќи имаат прекрасен план за развој, а тоа таму се гледа на секој чекор, не се опишува едноставно со зборови.Зошто токму оваа држава, а не ги одбра другите понуди?

-Имав некои контакти и пред договори со азиски екипи, но јас сум љубител на снандинавски систем на работа. Кога ги разгледав понудите кои ги имам ја одбрав оваа, и веднаш ќе кажам не погрешив и го прифатив предизвикот кој никако, во никој случај не беше лесен. Се пронајдов дека можам успешно да работам во таа мала земја и засега тоа добри ми оди. Со Стиф, мојот претходен клуб, во сите категории, почнувајќи од момчиња У-10, 12, 14, 16 години обезбедивме финалиња во куп натпревари, освоивме финалиња, со сениорите бевме во полуфинале во Куп, а тоа не било 17 години, победивме во плеј-аут лигата. Овде морам да додадам дека иако е ова мала држава има добар ракомет. Сега, кога Македонија играше бараж со Чешка, Фарската репрезентација играше против Германија и имаше водство на полувреме. Има голем напредок и ќе игра на Европско било во машка или женска конкренција во блиска иднина.

Марковски за новиот клуб и новиот предизвик кој го има пред себе вели:

-Новиот клуб е сличен проект на Еурофарм Пелистер 2, нашата екипа или во фудбалот би го споредил со Академија Пандев. Оваа екипа ги собра сите најдобри ракометари, постоечки репрезентативци во младински категории, од 18 до 20 години. Ова е комбиниран проект на ракометниот клуб Уја од Аргир и на Ракометната федерација. Дадена ми е довербата да направиме поголем развој и да направиме идни репрезентативци, што за мене е предизвик, кој ако се исполни ќе значи многу за мене, на планот на самодокажување и потврда на квалитетот кој од ден на ден ми е повеќе признат од ракомените работници на Фарски острови.За Фарски Острови, односно како се снаоѓа таму Марковски додава:

-Фарски Острови има 53 илјади жители кои живеат на 18 острови, а таму живеат четири семејства од Македонија, во три различни градови. Со сите се имам сретнато, сепак е добро кога ќе се сретнеме, кога ќе поприкажеме за ситуацијата во Македонија, пред се во спортот. Тие се по 14-15 години таму, задоволни се од животот таму, се пронајдоа во скандинавскиот систем и се доста успешни. Најповеќе од овие простори има од Хрватска. Сите 53 илјади жители се многу среќни, живеат исполнет и релаксиран живот во секој поглед и во секоја област. Јас не знаев каде одам, но бев топло прифатен од ладните скандинавци. Се навикнав на нивниот систем, разговарам на Фарски јазик, кој мислам дека добро го зборувам, со ракометерите и сите останати комуницирам комбинирано на фарски и англиски. Останувам сам таму, повремено доаѓаат сопругата, синот, ќерката, а можеби во иднина ќе останат подолго време. Единствено нешто што ми фали е семејството и нашата клима. Таму е северна Европа, таму е ладно со многу врнежи, ветрови, времето се менува не по еднаш, некогаш во еден ден има по неколкупати промена на годишните времиња. За разлика од Битола, каде е друга клима, а ќе бидам искрен ми недостасува само семјството, сонцето, топлото време. Да не кријам носталгијата, која секако ја има, во тмурни денови, ни “фалат“ пријателите, разговор, битолски мајтап, ни фалиш ти, Влатко, Дади… затоа се трудам сега да поминам повеќе време со блиски и мили луѓе, и тоа да ми држи некое време таму. Во Фарски Острови се друго тука има и се работи строг професионализам.Марковски се радува на успесите на македонскиот ракомет, на битолскиот ракомет, на кошарката, криво му е што сме сега сме фудбалски второлигаши, и вели:

-Следам се што се случува во спортот тука бидејќи техниката тоа го дозволува 24 часа на ден, а контактирам со многу пријатели, а прва тема е спортот. Се што се случува гледам во живо, а се радувам на успесите на Еурофарм Пелистер во националното првенство, на добрите меѓународни натпревари, на полна сала битолчани, на репрезентацијата во ракомет. Ми е задоволстсво што Еурофарм Пелистер има голем напредок во двете екипи. И јас како битолчанец сакам титула, но битолската спортска јавност треба да знае дека трофеј во домашно првенство или европски купови не е лесно да се освои, мора да има трпение, да му се дава поддршка на сегашната управа кои што вложуваа во клубот и се надевам дека ќе се развива, и мислам дека во идните години ќе има титула во Битола, бевме блиску сега, но шанса секогаш ќе има, ако добро се планира и работи, а тоа се прави во Еурофарм Пелистер.

С. Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »