Press "Enter" to skip to content

Некогаш и денес, Гоце Гроздановски – Моцарто, иницијатор за формирање на РК Пелистер од Битола: се сеќавам поразот од Лемго многу тешко го поднесовме

Жанета Ристевска

-Битола, град со долга традиција во ракомет. Добро паметам дека во 1971 година за еден ден беа продадено 6.000 карти за на ракометното игралиште во квалификациите против РК Партизан, вели  Гоце Гроздановски – Моцарто, роден во Битола, наш соговорник во рубриката “Некогаш и денес“ кој неодамна го прослави својот 83 роденден.

-Од неговото долгогодишно искуство во ракометот, посебно во делот на организациските работи, може многу да се чуе и истовремено многу да се научи за ракометот во Битола.

-За Моцарто сите ракометни луѓе, ракометари, судии, делегати велат дека е супер, ама има една мана, тежок е за давање на пари.

-Изминативе години тешко ги поминав, живеејќи во време на ковид пандемија. Еве за прв пат после скоро три години седнувам на кафе муабет. Верувале или не, немам одено ниту кај мојата ќерка и сестра. Стравот беше голем, се штитев заради моите години и здравје. Вака започна Гоце Гроздановски Моцарто кој  ни направи голема чест да дојде на разговор кој го одложуваваме  заради мерките на заштита во пандемијата. Гоце Гроздановски Моцарто цел свој живот го посветил на ракометот, спорт со долга традиција во Битола. Заслужен за формирањето на РК Пелистер Битола уште во 1954 година. Тој е најстариот ракометен работник. Започнал како ракометар, бил тренер на женска ракометна екипа неколку години, сојузен судија, контролор, делегат. Спортски работник  во СОФКА Битола 40 години. Најзначајно е што бил еден од оние кои го оформиле  РК Пелистер Битола и работел во управата на клубот до пред 4 години. Низ неговата успешна приказна добиваме слика за почетоците, златното време на ракомет во Битола и формирање на РК Пелистер. 

Низ неговите сеќавања, за времето, зборува за  продадените 6000 карти за натпреварот против РК Партизан. За соработката и  пријателството со Силјан Мицевски – Циле, слободно ќе изјави: “На Циле, (како го ословува), можам да му се обратам во секое време и за се. Поминавме многу години заедно во клубот Пелистер, во добро и зло. Многу го почитувам и успешно соработувавме во однос на организаџцијата и се друго што беше поврзано со и околу клубот. Испративме 18 автобуси на ракометен натпревар без ниеден пропуст. Се радуваваме на победи и тагуваваме на порази. Се сеќавам на поразот со екипата на Лемго кој многу тешко го поднесовме. 

Кажете ни за себе низ ваша животна приказна, сеќавања од детство, основно, средно образование…

-Роден сум во Битола  на улица „4 ти Ноември“ бр. 11 кај “Чифте Фурни“ во стара битолска фамилија, дедо, прадедо… шеста генерација битолчани. Основно училиште до четвртто одделение завршив во “Св. Кирил и Методиј“, а осмолетката ја заокружив во „Даме Груев“. Средното образование го продолжив во битолското економско училиште, кое што го завршив во 1958 година. По завршувањето на средното образование се запишав на правен факултет, но не го завршив.  После отслужување на воениот рок на 1 април 1964 гоина се вработив во  фабриката за фрижидери во Битола. После 3 години работа, отидов во Сојуз на спортови СОФКА и во ракометот, каде останав цели 40 години. Имам работен стаж од 43 години. Во 2003 година заминав во пензија од СОФКА, но потоа се уште бев активен и работев во клубот Пелистер, се до пред 4 години кога напуштив и сега сум вистински пензионер. Но, сметам дека со моето долгогодишно искуство можам да допринесам со некои совети. Во спортот сум уште  на свои 18 години, најпрво како економ во фудбалскиот клуб Пелистер, потоа отидов во ракомет. Спорт…

-Во спортот бев вклучен на различни начини. Во почеток играв ракомет, бев левичар тренирав, но увидов дека не сум многу добар како ракометар и дека повеќе ме интересира и „бива“ за организациона работа или стручна работа. Бев и тренер на женската ракометна екипа 6 години, потоа и судија, судев дерби Загреб и Раднички Београд. Покрај тоа и низа години бев контролор делегат. Во 1954 година бев иницијатор и еден од оние кои го основаа РК Пелистер.  Првиот ракометен клуб во Битола беше формиран далечната 1951 година тоа беше клубот Работник. Иницијатори за истиот беа  Богдан Станојевиќ – воено лице и Славко Петровиќ, тука со нив заедно беа Силјан Мицевски, Стојан Стамато…Формирање на РК Пелистер 

-Во 1954  бев иницијатор, односно му предложив на Јонче Андоновски – Штркот сојузен секреатар за вработување во Битола, Коле Каранфиловски, Ицо Манџуро  да се формира втор клуб. Така се формира РК Пелистер. Јонче Андоновски беше прв претседател на управа. Прв тренер Кирил Заров од Охрид. Ќе набројам некои ракометари од тој период. Пеце Црниот, Алојз Франц, Лазаревски Брацо… Во тој период се играше мал ракомет, во зонски лиги и со еден судија.  Двата клуба Пелистер и Работник беа конкуренција.  Подоцна одлучивме да се спојат  двата клуба РК Работник и РК Пелистер во клубот со име РК Пелагонија. Тоа беше  некаде 1968 година. Тогаш за прв пат започнавме соработка  со Силјан Мицевски – Циле и долги години потоа успешно соработуваваме.  РК Пелагонија најпрво играше во Плевлје квалификации за прва лига.  Во 1969 година игравме квалификации во Загреб, потоа наредната 1970  во Лесковац. Во  1971 година квалификациите се играа во Битола, победивме и влеговме во Југословенска прва лига.  Тогаш во управата беа претседател Шундовски Сотир, јас бев технички директор, тренер Љубо. Игравме прва и втора лига. За прв пат дојде да игра ракометарот Пеце Димитровски. Златно време на ракометот во Битола 

-Во квалификациите во Битола РК Пелистер против РК Партизан од Белград за еден ден беа продаден 6.000 карти, на ракометното игралиште кое беше преполно, а  имаше навивачи качени и на околните дрвја од каде го следеа натпреварот. Беше вистински спектакл. На овој натпревар против РК Партизан од Белград, судеа едни од најдобрите ракометни судии тогаш  Јованиќ Џабир и Драго.   Пелистер покажа многу добра игра и цело време водеше и од резултаат 9:6 противникот изедначи ставајќи брзо 3 гола и резултатаот стана 9:9. Навивачите полнаа да се нервираат, некои  плачеа. Натпреварот заврши со 9:9  благодарение на судиите. После натпреварот кога си  одевме едниот судија ми рече „Гоце ми дојде да плачам, но си реков Пелистер нема да изгуби, многу добро играше. За ракометаритем судиите, тренерите…

Ракометни работници познати во тоа време беа Неделко Неделковски, Мишиќ Душан… Најсилен РК  Пелистер беше кога требаше да бидеме прваци, но го освоивме 2 место заради што беше прекинат натпреварот. Најдобри ракометари кои играле во Пелистер, на сите времиња биле Пепи Манасков, а потоа и Кире Лазаров. Тренер кој остави трага Мунетиќ.

За пријателството со Силјан Мицевски – Циле…

-Пријателството започна уште од нашата заедничка соработка кога ги здруживме  клубови те РК Пелистер и РК Работник во 1968, и пред тоа. Повеќе од  60 години заедно. Можам во секое време да му се јавам и нема да ме одбие за ништо. Многу убави спомени за  доживувања кои сме ги поминале заедно. Заедно се нервиравме, радуваваме и плачевме кога се губеше или победуваше. Натпреварот и поразот од екипата на  Лемго најтешко го поминавме. Заедно орагзнизиравме автобуси на натпревари, во една прилика за опстанок во Белград, дури 18 автобуси на натпревар, јас само ги испратив и се грижев се да биди во ред во организациона смисла, но ете ќе кажам не отидов таму. Заедно преговаравме за играчи кои играа за Пелистер. Се саќавам отидовме во Пирот за да преговараме со ракометарот Зарков. Заедно патуваавме било да е со автомобил, автобус или авион. Се сеќавам  на еден натпревар против Раднички Будучност кога со моето фичо патуваваме цел ден. Натпреварот се играше на отворено. Циле заради целодневното патување и уморот заспа и  неможеше да го досуди. Многу интересни случки.За стаклената зграда на ГП “Пелистер“…

Ќе ја раскажам приказната како се дојде на идеја да се гради стаклената зграда. Играме во Шпанија меѓународна утакмица 1986 година Лига на Европа во Мадрид, со екипата на Атлетико. Преку ден со автобус го разгледувавме Мадрид и гледаме убава, голема стаклена зграда. Силјан вели иста ваква ќе изградиме во Битола. Слегува од автобусот со Тично архитектот  кој работеше во неговата фирма ГП “Пелистер“Битола, за да ја види. Кога се враќаат во Битола поднесуваат барање до општината за изградбата на Стаклената зграда. Но, дури по цели 3 години се одобрува таа да се изгради. Од тогаш таа го краси нашиот град.Семејство…

-Имам син и ќерка кои имаат свои семејства. Синот  Диме Петровски години играше ракомет. Внукот Христијан заврши безбедност и работи во Словенија. Другиот внук Филип е во Црвен крст Битола и е дел од РК Еурофарм Пелистер.  Ќерка ми  Марика Стефановска работи во Домот за стари лица Суе рајдер. Другите внуци живеат во Шведска.

Некогаш и денес споредба…

-Има големи разлики од порано во дисциплината кај  играчите, навивањето и во организациона смисла.  Сметам дека порано играчите имаа поголема (само)дициплина. Ракометарите на РК Пелистер мораа да бидат во 23 часот во своите соби. Тогаш кога јас морав да ги контролирам т.е. кога беа сместени во хотел Битола, тие ги почитуваа насоките и правилата на клубот. Една вечер кога отидов Кирил Лазаров не беше се уште во својата соба. Јас заминав. Но после само 10 минути ми се јавија од рецепција дека Кирил Лазаров кажал да ми пренесат дека дошол, бидејќи немаше мобилни телефони.   

Навивањето тогаш и сега…

-Се беше поинаку, па и навивањето. Можам да кажам дека порано навиваа и сериозни луѓе, кои се враќаа дома зарипнати од гласно викање, на еден натпревар имаше и повеќе од 6.000 луѓе кои навиваа качени на околните дрвја на ракометното игралиште, а потоа во спортската сала “Младост“ по 4-5.000 публика. Тука беше и Мате кој ги водеше навивачите, кои со еден негов потег започнуваа да аплаудираат, да свират или пак да прекинат и да замолчат. Мате беше, според мене, првиот водач на организирана нивавачка група во поранешна Југославија, а ова секаде каде сум бил ми го потврдувале. За ракометот денес…

Не гледам и не одам на ракометни натпревари. Се нервирам од она што се случува, разни недоследности и нечесни игри. Ова го велам од моето долго искуство како најстар ракометен работник. Сметам дека со моето искуство имам право тоа да го кажам, а дополнително се уште можам да допринесам со некој совет за помладите, бидејќи ме служи паметот. Сигурна сум дека се уште тоа го може. Со своето долгогодишно искуство и голема љубов кон клубот Пелистер кој го формирал. Низ неговите сеќавања, спомени фотографии… доловивме златно време на ракометот во Битола, но да не го забораваме мотото “сега и овде“ односно да живееме во сегашноста и сите предизвици на новото време, а да ја градиме иднината  врз искуставата и морални вредности на личности како  соговорник во Некогаш и денес Гоце Гроздановски Моцарто. Голема почит и благодарност  за она што го направил за клубот Пелистер и ракометот во Битола.

 

More from ВестиMore posts in Вести »