Press "Enter" to skip to content

Битола наскоро повторно по нешто ќе биде прв град на Балканот (фотогалерија)

По повод меѓународниот ден на музеите 18ти мај, проф. д-р Игор Неделковски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, пред експертите на НУ Завод и Музеј – Битола презентираше Методологија за изработка на 3Д тактилни мапи и слики на културно-историски споменици, која ја разви во соработка со м-р Јове Парговски и консултации со д-р Ирена Ружин од НУ Завод и Музеј Битола и Весна Софрониевска од Сојузот на слепи – Битола.Оваа методологија се заснова врз дигитализација на постојните културно-историски споменици кои потоа се печатат во 3Д тактилни модели според Стандардот за тактилна графика објавен во 2010 од Брајовата Асоцијација на Северна Америка (BANA). 3Д тактилните модели преку допир можат да ги „гледаат“ слепите лица.Проф. д-р Игор Неделковски донираше и опрема за изработка на 3Д тактилни модели.Во просториите на НУ Завод и Музеј Битола го демонстрираше користењето на оваа методологија и технологија, а изработените модели ги тестираа слепи лица (младинци и возрасни) од Битола. Тие лица за прв пат преку допир имаа можност да „видат“ како изгледаат некои од најзначајните културно-историски споменици од Битола.Тактилните модели преку NFC и QR технологија се поврзани со апликација за паметни уреди (телефони, таблети) која содржи наративен опис за објектите и видео на знаковен јазик.Сите посетители беа восхитени од доживувањето на културното наследство на овој начин.Според изработените 3Д модели во наредниот месеци ќе се изработат и модели од метал (со средства од Европската Унија) кои ќе му бидат предадени на Општина Битола да ги постави пред десетте најзначајни културно-историски споменици.

Со ова Битола ќе биде прв град на Балканот и меѓу првите во Европа што ќе ги направи „видливи“ своите најзначајни културно-историски споменици за слепите лица. Со тоа ќе може да привлече и туристи – слепи лица кои ќе можат да ги „видат“ културно-историските споменици на Битола. Пристапниот туризам наменет за лица со попречености во Европа и светот се повеќе добива на значење, не само од аспект на креирање инклузивно општество туку како и сериозен извор на приходи.

More from ВестиMore posts in Вести »