Press "Enter" to skip to content

Државниот завод за ревизија со позитивно мислење без резерва за финансиските извештаи и работењето на Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола

Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, заради објективно, вистинито и целосно информирање на јавноста, испрати соопштение кое го пренесуваме во целост.

-Фондот за фунционирање и развој не претставува студентски фонд туку е фонд (сметка) за функционирање и развој на Универзитетот кој/а постои повеќе од 20 години. Токму затоа овој фонд не е „фамозен фонд“, туку е суштинска сметка за функционирање на Универзитетот, која е уредена со Статутот на Универзитетот. Од овој фонд се подмируваат расходите за вршење на дејноста на Универзитетот, а намената и распределбата на средствата се регулирани со Статутот на Универзитетот и со Правилникот за начинот и постапката за пресметување, уплата и распределба на средствата наменети за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот.

Всушност најголемиот дел на приходи во оваа Сметка стигнуваат од единиците за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот, по основ на горенаведениот Правилник. Уплатата на студентите по 1.000 денари при упис само во прва година, а не при упис на сите студенти во сите години, е незначителен дел во приходите на оваа сметка, што е видно од податоците во завршните сметки, во која студентите уплаќаат годишно околу 1.200.000,00 денари.  Од погореизнесеното, неспорно е дека тезата за сериозна сума на пари кои ги уплаќаат студентите е неодржлива. Всушност, за потребите на студентите во Универзитетот функционираат  две наменски сметки, на коишто студентите уплаќаат средства кои наменски се користат за нивните потреби. 

Во оваа прилика само ќе потенцираме дека Конечните извештаи за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на УКЛО, вклучувајќи ја и Сметката за функционирање и развој на Универзитетот, од  Државниот завод за ревизија, се со позитивно мислење без резерва по однос на финансиските извештаи

Раководството на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во своето работење, целосно ги применуваше и применува принципите на транспарентност, одговорност и отчетност, што се потврдува не само во погоренаведените Извештаи, туку и со Извештаите на сите други релевантни и надлежни национални и меѓународни институции.

На крајот, изразуваме почит кон јавноста, која секогаш заслужува професионално и проверено информирање со изнесување на докажани факти и аргументи.