Press "Enter" to skip to content

Како до подобрување на условите на живот во населбата БАИР во Битола, интервју со Климетина Ѓорѓиоска – проектна менаџерка на БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите

Која беше целта на стартот на овој проект?

Проектот “БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“ е структуриран да ја поттикне социо-економската вклученост на ромската заедница во населба Баир. Оттука, името „БАИР“, проектот го доби според истоимената населба, каде живеаат 95% од ромската популација во град Битола. Проектот „БАИР –здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ е финасиран од Европска Унија преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, ЕУ за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија. Имплементатори на проектот се италијанската невладина организација COSV, ПРЕДА Плус Фондација и Општина Битола, додека придружен субјект е Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг.Кои прашања ги отвара и ги решава овој проект?

Проектот „БАИР- здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“ како што кажува самиот наслов го третира прашањето на инклузија на Ромите во град Битола, но на холистички начин, со акцент на домувањето. Оттука, клучна проектна компонента, каде се алоцирани и најголем дел проектни средства е урбаната надградба. Со цел да почне процесот на решавање на домувањето, ромските домаќинства мора да станат дел од урбаната планска генерална и детална документација. Токму затоа, проектот „БАИР“ предвидува и изработка на Генерален Урбанистички План за град Битола, односно изработка на 3 Детални Урбанистички Планови за северна станбена зона Баир. Изработката на Генерален Урбанистички План и Детални Урбанистички Планови за населба Баир се почетна основа за решавање на сите урбанистички предизвици во оваа населба. Не е возможно да се дизајнираат било какви стратешки решенија за подобрување на урбанистичката структура и подобрување на условите за живот во оваа населба без овие клучни документи. Поради тоа,  носечка активност во овој проект е изработка и донесување на овие документи. 

Во која фаза е проектот сега, во овој проблематичен сегмент, а тоа е легализацијата?

Во партнерство со Општина Битола, оваој процес е веќе започнат. Дополнително, предвидено е во рамки на проектот да се легализираат 50 ромски домаќинства во населба Баир, кои секако ги исполнуваат правните услови за легализација, вклучувајќи го пред сѐ основниот документ, геодетски елаборат. Со оглед на тоа што во моментов нема нов Закон за постапување со бесправно изградени објекти, заедно со Општина Битола, проектот работи на легализација на оние барања кои биле доставени крајот на  2018-та година. Морам да истакнам дека кај најголем дел од барањата што ние ги имаме евидентирано недостасува геодетскиот елаборат, така што по тие барања не може да се постапи. Од крајот на 2021-ва година досега се легализирани 13 домаќинства во населба Баир, а се надеваме на интензивирање на случаите на легализација и воедно очекуваме носење на нов Закон, со што поголем број домаќинства би можеле да ги легализираат своите градби. Дали е предвидена финансиска поддршка во оваа фаза, со оглед на трошоците на кои ќе биде изложено ромското население?

Предвидени се и финансиски средства во износ од 5000 евра за оваа намена, како и тим за поддршка кој ќе може да им помогне на граѓаните во собирање и доставување на целосна документација. Од средината на 2022-ва година ќе стартува и Фондот за реновирање на домаќинствата (ХРФ), за чија функција се предвидени 150.000 евра. Со овој фонд треба да се направат парцијални реновирања во ромските домаќинства во населба Баир, со цел создавање на похумани и подостоинствени услови за живот. Затоа ќе се формира и комисија, која меѓу другото ќе има претставници од ромската заедница, со цел инклузивно и партиципативно носење одлуки. 

Кои ќе бидат критериумите за Фондот за реновирање?

-Предвидено е парцијално да се реновираат 27 домаќинства. Најважен критериум од кој не смее да се отстапува е избраните домаќинства да се легализирани и дел од ДУП, со цел и инвестираните средства да имаат одржлив ефект. Дополнителен критериум пресуден за избор е кофинансирање на реновирањето, коешто може да биде изразено во работна сила и поддршка во процесот, односно не мора да се однесува на финансиски средства, иако тоа би се сметало за екстра стимул.

Што друго е планирано за подобрување на инфраструктурата во ова градско јадро?

-Крајно, урбаниот дел од проектот опфаќа и реконструкција на одредени улици во населба Баир со цел создавање на подобри услови во заедницата. Во моментот на улиците „Струшка“ и „Сутјеска“, се врши промена на канализационата мрежа, по што ќе следува и реконструкција на коловозот. Градежните работи се извршуваат во должина од околу 400 метри со вредност од 5 623 157 денари, а истите ги реализира Општина Битола во рамките на проектот „БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите, финансиран од Европската Комисија. Битно е да се напомене дека постојат дополнителни средства коишто треба да се насочат за подобрување на инфраструктурата во населба Баир. Затоа ќе се реализираат и три јавни консултации со граѓаните од населбата, чијашто главна цел ќе биде да се идентификуваат потенцијални инфраструктурни зафати на партиципативен начин.Сведоци сме и на други бројни активности, кои го будат населението во населбата Баир. Какви се резултатите?

-Урбаната проектна компонентна има клучна улога во процесот на инклузија, но проектот паралелно придонесува и работи на јакнење на заедницата и на подобрување на пристапот до социјални права. Овие две компонентни се реализираат преку активности кои поттикнуваат развој и поддршка на културни и спортски иницијативи и кампањи за подигање на јавната свест кај ромското население за релевантни теми од секојдневното живеење. До сега, во склоп на проектот реализирани се три кампањи од следните области: образование, здравство и вработување. До крајот на проектот планирано е да се реализираат уште 4 кампањи за подигање на јавна свест. Имплементираните активности имаа силен одзив во заедницата како и во пошироката јавност. Проектот „БАИР“ е позитивно препознаен, додека постигнатите резултати се мерливи.

Дали проектот има тим на терен или локација на која ромското население има пристап до информации и поддршка?

-Во склоп на проектот функционира ТИМ ЗА ПОДДРШКА (BST-BAIR support team) со канцеларија во месната заедница „Димитар Влахов“ во населба Баир. Тимот е составен од три членови, активисти за правата на Ромите, со искуство во граѓанскиот сектор, кои многу добро ја познаваат динамиката и потребите на заедницата. Овој тим секојдневно е услуга на граѓаните од оваа населба, обезбедувајќи советодавни услуги и поддршка за полесно решавање на проблемите кои ги има ромското население што живее во населба Баир.. Тимот за поддршка претставувавa линк меѓу граѓаните на населба Баир и релевантните институции на локално ниво, олеснувајќи го процесот на решавање на актуелни проблеми преку евидентирање на сите барања од локалната зедница и обезбедување на административна поддршка и информации.Канцеларијата е отворена, за граѓаните од населба Баир секој работен ден од 9 до до 17 часот. Во соработка со јавните претпријатија од Општина Битола во канцелариите во  месната заедница функционира и ЕДНОШАЛТЕРСКИ СИСТЕМ (ONE – STOP SHOP). Целта на овој сервис е да се подобри достапноста, ефективноста и ефикасноста на јавните институции во обезбедувањето на соодветна помош и услуги со посебен фокус на најмаргинализираните граѓани. Граѓаните од оваа населба имаат можност директно да ги адресираат своите барања до претставниците на соодветните институции. Јавните службеници обезбедуваат насоки, помош и информации за полесно решавање на проблемите кои ги имаат граѓаните. На овој начин, јавните институции и нивните претставници ќе успеат да ги надминат структурните потешкотии со кои што се соочуваат во обидот да пристапат до ромското население од Баир при испораката на јавни услуги. Покрај јавните институции и претпријатија, вклучена е и Правната клиника при УКЛО Битола, за чиишто про-боно правни услуги, граѓаните покажуваат најголем интерес и потреба.Проектот „БАИР –здружена акција на Битола за вклучување на Роми“ е финасиран од Европска Унија преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, ЕУ за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија. Имплементатори на проектот се италијанската невладина организација COSV, ПРЕДА Плус Фондација и Општина Битола.