Press "Enter" to skip to content

Карикатуристот Блаже Докуле од Битола, со изложба во Охрид, 50 години современа карикатура

Карикатуристите се витези на доброто, тие можат да ја казнат неправдата, да ги обелоденат гревовите и сами да се казнат, но никогаш не за долго… посебни личности, индивидуалци, неконформисти, со остра интелегенција, со еден збор гении. Еден од нив Блаже Докуле од Битола со импозантна  бројка со над  50 освоени награди  и учество на над 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата  е еден од најплодните карикатуристи кај нас. На еден начин и еден од најголемите амбасадори на Македонија. Објавувал во над 40 весници и списанија, илустрирал  учебници, книги…  Карикатуристот Блаже Докуле со овие бројки сигурно заслужува да биде  во Гинисовата книга (рубрика, интервју фебруари, 2020).Вака пишувавме во интервјуто за карикатуристот Блаже Докуле од Битола кој деновиве со изложба одбележува 50 години творештво. На изложбата ќе бидат изложени негови најдобри наградени карикатури насекаде низ светот,  во Куќата на Робевци  со поддршка на  Завод за заштита на спомениците и културата и музеј – Охрид.Блаже Докуле има свој препознатлив, изграден стил кој се појавува во повеќе форми: како класичен цртеж, како стилизиран кроки и како „чист“ кроки. Тој   ги користи сите форми при својата работа, со техники на туш, пастел,  акварел,темпера, моливи во боја  при што постигнува силен колорит во делата.Тематската определба му опфаќа палета од многу теми како : новинарска, портретна, еротска, стрип карикатура со обработка на животни настани од општествено политичкиот живот, спортот и друго. Добитник е на над 50 награди за карикатура, текст, афоризам, новинарство и стрип меѓу кои  и наградата на град Битола „4ти Ноември“ и наградата за животно дело „Василије Поповски – Цицо“.Досега приредил три самостојни изложби во Книн Хрватска 1980 година, Битола 1999 година, Струмица 2001 година. Со изложба во Куќата на Робевци во Охрид ќе го одбележи своето плодно творештво 50 години современа карикатура. Отварање на изложбата на 17.06.2022 во 20 часот.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »