Press "Enter" to skip to content

Народниот правобранител потврди дека вработена во Домот за доенчиња и деца во Битола пијана врзала дете за кревет

Народниот правобранител постапувајќи по предмет по сопствена иницијатива по непосреден увид во установата, во разговор со директорот и правникот на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца Битола, како и увид во целокупната документација изготвена по повод настанот, наводите се потврдени, констатирано е дека вработената била во алкохолизирана состојба и дека едно од децата било во вреќа за спиење, која била врзана за кревет, со што детето било оневозможено да се движи.

Раководството на установата веќе преземало соодветни дејствија и отпочнати се постапки кон вработената.

Според  Народниот правобранител повредени се повеќе членови од ратификуваните меѓународни конвенции и очекуваа надлежните институции да преземат мерки и најстрого да ја казнат вработената.

-Имено според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, е наведено дека во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, а државите потписнички се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговата благосостојба, а исто така се грижат сите институции, служби и установи кои се грижат за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот, како и стручниот надзор. Повреден е и членот 7 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Овој член наложува при преземањето на сите акции во однос на децата со попреченост, како примарна грижа да се зема предвид најдобриот интерес на детето, а членот 15 ги обврзува државите потписнички да преземат ефективни законски, административни, судски или други мерки за да се спречи лицата со попреченост да бидат изложени на тортура или суров, нечовечки или понижувачки третман или казна, соопштуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Омбудсманот очекува надлежните институции да преземат мерки и најстрого да ја казнат вработената. Од канцеларијата укажуваат и дека треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на лицата кои се вработуваат во установи и други форми на згрижување на деца и деца/лица со попреченост. Апелот од народниот правобранител е редовно да се прави контрола во ваквите установи како и во малите групни домови, а предлага и континуирано да се усовршуваат знаењата и познавањата на вработените за грижата за децата.

More from ВестиMore posts in Вести »