Press "Enter" to skip to content

Започна училишната Балканијада во Охрид, Горната Гимназија од Битола со четири екипи

Учениците-спортисти од Горната Гимназија од Битола се во Охрид каде свечено беа отворени Балкански училишни спортски игри “Охрид 2022“ во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, под покровителство на АМС. Како рече на отворањето, претседателот Александар Туфекџиски-Сашо, иако на 10 јуни официјално заврши учебната година, за голем дел од учениците инволвирани во спортските активности и нивните ментори нема одмор, а ќе се натпреваруваат до 16 јуни.

Ова големо училишно натпреварување се одржува после Гимназијадата во Струмица минатиот месец, а според резултатите кои ги постигнаа учениците-спортисти од Гимнацијата “Јосип Броз Тито“ од Битола, тие ќе се натпреваруваат со четири екипи. 

-“Горната Гимназија“ ќе се натпреварува во машката и женската екипа во ракомет, како и тимот за пинг понг и тимот во шах ќе учествува на Балканските училишни спортски игри. Како шампиони на Гимназијадата одиме на меѓународно ниво, многу повисоко, Денес први настапуваат ракометарите и ракометарките кои играат против екипите од Косово и Република Српска, вели професорот по физичко воспитување, Михајло Силјанов, кој е таму заедно со Антонио Трпковски.

Целта на Училишната Балканијада е зближување на младите спортисти од Балканот, создавање нови познанства, премостување на разликите и обид преку спортот да ја реализираат идејата за Отворен Балкан, а ќе учествуваат 450 ученици-натпреварувачи од најдобрите средни училишта од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

More from ВестиMore posts in Вести »