Press "Enter" to skip to content

Регионалната стопанска комора, стопанствениците и Општина Битола на средба за тековните состојби во економијата

Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, денес ја одржа седмата пленарна седница, на која присуствуваа повеќе претставници на бизнис секторот, а активно учество на седницата зеде и секретарот на општина Битола, Борче Димитровски.

Помеѓу најважните точки, беа разгледани моменталните ситуации во стопанството во битолскиот регион, економската криза и енергетските состојби, потребните мерки и општинската поддршка за бизнис секторот.Претставниците на комората, изразија голема благодарност до локалната самоуправа за видливиот напредок во соработката, општинската поддршка во забрзувањето на административните процедури, што е од големо значење за операционализација на бизнис идеите, како и активното делување на општината во решавање на инфраструктурните и урбанистички проблеми, кои се помеѓу значајните фактори за економски напредок на градот.На седницата, посебно беше истакнато значењето на проектот кој го започна општина Битола, за донесување на нов генерален урбанистички план, кој ќе одговара на современите потреби на градот, за разлика од досегашниот, стар 23 години. Исто така, беше потенцирано и значењето на постапките за издавање на дозволи за поставување на фотоволтаични панели, кои ги спроведува општината, а за што кај компаниите има голем интерес, како и подобрувањето на патната инфраструктура кон Битола, на што активно се работи.Димитровски информираше и дека, локалната самоуправа во делот на својата надлежност, работи со максималната ангажираност за што поскоро решавање на потребите на стопанствениците и ставање во функција на железничката пруга кон Грција, подобрување на инфраструктурата во поранешната индустриска зона, а на барање на присутните беа образложени и предлозите, кои се однесуваат на сообраќајни решенија за централното градско јадро, нови паркинг простори, како и подготвеноста на општината за реализација на проектот за гасификација, за кој потребно е делување од централната власт.

На крајот на состанокот, беше нагласено дека општина Битола, останува активен партнер на компаниите за заедничко решавање на сите проблеми и надминување на предизвиците, со цел подобрување на економската слика во градот и подобри услови за граѓаните.