Press "Enter" to skip to content

Коњановски на Програмата за размена на региони со јаглен: искуствата ќе помогнат, особено во овој регион

Во салата на Советот на општина Битола, денес се одржува првата средба во рамките на Програмата за размена на региони со јаглен, од Иницијативата за региони сo јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина, чиј домаќин во наредните три дена ќе биде општина Битола.

На средбата учествуваат претставници од неколку институции во државата и три општини засегнати од посочената проблематика, општина Битола, општина Новаци и општина Кичево, како и претставници од соседна Грција и од делегацијата на Европската Унија.

-Имајќи ја предвид актуелната ситуација во енергетскиот сектор во светот, особено влијанието на состојбата во Украина, како и важноста на потребата од обезбедување на енергија, очигледно е дека ќе треба да се бараат нови и ефикасни решенија за надминување на кризата. Ние како општини сме најзасегнати во овој процес, а за тоа сведочат и граѓаните низ секојдневните контакти. Од проектот Иницијативата за региони сo јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина, како општина очекуваме дека искуствата кои што ќе се разменат помеѓу учесниците и релевантните институции од двете соседни држави, како и размената на научните искуства и достигнувањата кои се однесуваат на процесот на напуштање на јагленот, ќе помогнат особено во овој регион, во кој од двете страни на границата, јагленот е основниот елемент за производство на електрична енергија.Новите транзициони чекори треба да донесат и поквалитетен живот на нашите сограѓани. Учесниците во проектот да ги споделат искуствата на соседите, да учат едни од други и да го пренесат знаењето за чекорење кон правилна транзиција на чиста енергија, оставајќи го јагленот како енергенс кој што треба да замине во историјата,  рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Иницијативата за региони сo јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина има за цел да им помогне на земјите и регионите постепено да се ослободуваат од јагленот и да движат кон економија и праведна транзиција. Носител на проектот од македонска страна е Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Секретаријатот за европски прашања.

More from ВестиMore posts in Вести »