Press "Enter" to skip to content

5. jубилејно издание на “Џез фактори фестивалот“ во Битола

-Јубилејното издание на Џез фактори фестивалот оваа година ќе се одржи во периодот од 7 до 9 јули, со настапот на “FISCHERMANNS ORCHESTRA“ од Швајцарија, беше речено на денешната прес-конференција во Битола.

-Целта за одржување на “ЏФФ“ е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите, изјави директорот и основач на Џез фактори фестивалот професорот Сашо Поповски и додаде:

-За ова 5.издание во рамките на таа долгорочна идеја за фестивалот, сакавме истиот да го надмине регионалниот карактер и да имаме гости надвор од Балканот.Со уметничкиот директор на фестивалот проф.Тони Китановски успеавме да ја направиме годинешната програма, па така Џез фактори се отвора со џез оркестар кој ни доаѓа од Швајцарија“.

Со вкупно 9 изведувачки акти во главната и споредна програма организаторите го најавија годинешното издание во кое покрај традиционалниот партнер НУ. Народен Театар каде ќе се реализира најголемиот дел од настаните, промовираат и нова летна сцена во соработка со Културниот и Информативен Центар Битола (КИЦ) по моделот на големите европски фестивали.

На денешната прес конференција директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ изрази благодарност за соработката со “Џез фактори фестивалот“.

-На мое огромно задоволство Џез фактори фестивалот се одржува по 5.пат и покрај сите тешкотии кои не снајдоа во пандемискиот, постпандемискиот, период. Сашо успева и покрај сето тоа да донесе една одлична програма секоја година во Битола. Задоволството е обострано за оваа соработка и ветувам дека и во иднина ќе бидеме дел од оваа Џез фактори приказна“.Со програмата фестивалот се доближува до програмите на европските џез фестивали во букирање на интернационални артисти кои се во зенитот на своите кариери како: FISCHERMANNS ORCHESTRA (Switzerland), ERMANNO PANTA & BANDA ZEITUN (Spain – Peru), OLIVIER SAMOUILLAN (France), FANFARA STATION (Italy), како и македонските артисти GORDAN SPASOVSKI TRIO, SASO POPOVSKI QUARTET, ALEKSANDAR BOSHKOV QUARTET, ANTONIE VESKOVSKI, и два ДЏ сетови на ILE THE HAIR и B.BOY Јордан Николов..

Во делот на оф програмата на Џез Фабрика се вклучени и клубовите во Битола: Порта Џез, Камарите и Bourbon street, со што фестивалот го доближуваат до поширока публика.

Ова јубилејно издание на Џез Фабрика ќе биде збогатено и со 3 презентации и 2 работилници. Па така тука е македонскиот бренд Аудиокултура со главен фокус на производите на Теохаров Аудио – врвна Hi Fi техника која ќе биде презентирана во трите фестивалски денови, потоа дебата во соработка со Камаи Медиа на тема – Значењето на ИТ компаниите во креирањето на современото културно живеење во Битола.

И оваа година ќе биде доделена наградата “Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2021 во соработка со Општина Битола, која оди во рацете на Александар Бошков.

Фестивалот секоја година промовира и млади музичари. Оваа година премиерно посетителите ќе имаат можност да го слушнат новиот албум “Light Pillar” на Гордан Спасовски Трио, материјалот за новиот албум на Александар Бошков и новиот материјал на Антоние Весковски – Off Ground Orchestra кој ја имаше својата премиера на сцената на Македонска Филхармонија.

Отварањето на јубилејното издание на Џез фактори фестивалот е утре, 7.јули со настапот на FISCHERMANNS ORCHESTRA од Швајцарија со почеток од 20 часот.

Фестивалот се одржува со поддршка на општина Битола, Народниот Театар и асоцијацијата Мост од Будимпешта.