Денес во Битола, во кафулето “Тач“ се одржа несекојдевна средба на сегашните млади скијачки надежи на ски клубот Пелистер и докажаните мајстори на скијањето од Битола, олимпијците Весна Дунимагловска, Александар Стојановски – Швеѓата и Ѓорѓи Марковски, а со нив беше и Марјан Нашоку сегашен тренер во клубот, младински олимпиец и учесник на светско првенство.Средбата ја организира скијачкиот клуб Пелистер, а Митко Милевски за идејата за оваа средба ни рече:
-Ова е наша прва средба со нашите големи скијачи, учесници на Зимски олимписки игри кои потекнуваат од Битола, од скијачкиот клуб Пелистер. Весна и Марјан живеат и работат во Битола, Ѓорѓи е во Словенија, Александар во Франција, а сега како ретко кога, сите ги имаме во Битола. Сакавме нивното присуство во Битола да го искористиме за средба со нашите скијачки надежи, на кои и сами видовте колку многу им значи. Да бидат заедно со нив, да ги слушаат како разговараат помеѓу себе, како се почитуваат за нив ќе биде, се надеваме, мотив плус.Средбата иако неформална Весна, Ѓорѓи и Александар ја искористија да им упатат неколку совети кои секако ќе им се добредојдени на младите Ева Милевска, Матеа Нолева и Јаков Мицевски, кои со внимание ги слушаа. Тие им зборуваа како се подготвувале за натпревари, како победувале и за останатите предизвици кои ги имале во своите скијачки кариери, како се дружеле, се бодреле, а раскажаа и анегдоти кои ги имаат многу во своите скијачки кариери.
А, имаа и од кого да слушаат Весна Дунимагловска – олимпијка и апсолутен победник во слалом и велеслалом во Македонија и Југославија…, Ѓорѓи Марковски – олимпиец и победник на неформалната детска олимпијада “Тополино“ во Италија со многу победи на државни и меѓународни натпревари, Александар Стојановски – Швеѓата – олимпиец со многу медали на државни и меѓународни натпревари, Марјан Нашоку – младински олимпиец, учесник на светско првенство, победник на многу трки…
Тројцата се интересираа како сега е организиран скијачкиот клуб, како функционира, како се рангираат скијачите и секако со какви проблеми се среќава Управата и скијачите и како да се надминат.