Press "Enter" to skip to content

“Зурли штом диво ќе писнат…“Илинден во Лазарополе со емоции и солзи од звуците на зурлите и тапаните на Мајовци (фотогалерија)

Текст и фото: Сашо Ристевски

“Лазарополе таму најгоре…“ се пее во песната, а таму најгоре висорамнина на врв на планина… Имено кога ќе ги поминете последните пет километри до Лазарополе, од Бошков мост, преку Елен скок и стотината кривини, кога се качувате нагоре, “таму најгоре“… ниту “на сон“  не ви доаѓа што ве очекува. А се простира рамна површина, висорамнина, можеби единствена на овие простори и пошироко. Погледот кон природата наоколу, одзема здив и никого не остава равнодушен. Таму распространето едно од најубавите места во Македонија, Лазарополе.Традиционално празникот  Илинден  во Лазарополе се прославува на посебен начин. Атмосфера достојна денот на селото Св. Илија, воедно и Илинден  празник на непокорот на македонскиот народ. Доцна попладне пред Илинден на 1-ви август, сите на сред село, ги прчекуваат коњаниците и Мајовци со тапани и зурли.Звукот кој се разлева пробудува емоции и солзи кај присутните на сред село кои ги дочекуваат како што е редот со аплаузи и оро. Многу луѓе од цела Македонија, но најголем број од овој крај или како што се нарекуваат “Лозоровци“ кои на посебен начин го доживуваат прославувањето на Илинден.Зурли тапани, ора, огномет… го најавуваат Илинден. Најпрво кака што е редот  најдобрите играорци и најстарите го заигруваат традиционалнот оро од овој крај “Тешкото“, со качување на тапан.Гледајќи ги воодушевено “стариот Лозоровец“, Душко Ристовски, ни кажува:-Тука во Лазаропле играорците не ја пратат музиката, тука музиката го прати секој чекор на играорците, а во негов препознатлив стил, низ шеговити приказни, со многу емоции зборува за “Лозоровци“, а овој пар сакајќи да ја прикаже посебноста на луѓето од овој крај, за нивните посебни адети и мерки на вредност, таму најгоре.Душко и постарите ја продолжуваат традицијата, да седат пред коперација, да коментираат како било некогаш, како е сега. Цитирајќи некој историчар за “Лозоровци“ ќе каже:-Тука на оваа прекрасна висорамнина, се населиле овие луѓе, “Лозоровци“, од само ними разбирливи причини.Кметот на Лазарополе, Андо Стoјковски, кој може да се каже дека живее тука, а како вели во Скопје оди само на некој ден, за празнувањето на Илинден ни рече:-Илинден е голем ден, но годинава тука, на сред село, пред продавница, сме помалку од лани. Инаку, во ова време во Лазарополе, на Илинден има околу 2.000 луѓе. Во селото има 250 куќи, во секоја има најмалку по 5-6 лица, гости во хотелот, други кои се се дојдени за еден ден. Кога се зборува за селото морам да кажам дека ги имаме уште истите проблеми, некој сака да ни ги земе ливадите со нарцис, а се бориме тоа да не биде така. Првата битка ја добивме, но ќе делуваме уште, до целосно решавање на проблемот, за што имаме најави. Што се однесува пак до празникот сакам да кажам дека ова е голем ден за нас, Илинден, и ги поканувам сите “Лозоровци“ кои се било каде во Македонија или низ светот барем овој ден да бидат, тука, во црква, на сред село, во Лазарополе, бидејќи традицијата која е на нашите огништа вечно да се одржува.А, традицијата на играње ора кои се играат на поинаков начин во мијачијата ја продолжуваат младите кои играат весело  од најмали 3,4 години до тинејџери, адолесценти. А подоцна играат сите младо и старо… се слави Илинден. Емоции, солзи, морници низ телото… никој не равнодушен, а и како ќе биде кога  звуците од тапаните на Мајовци се шират и допираат во душата, кои ги чувствуваат длабоко во себе, се пренесуваат со генерации и  колективното, несвесно, на луѓето од овој крај.Мирко Поповски, кој беше еден од иницијаторите за поставување на крстот над Лазарополе, со своето семејство беше пред хотелот, понесени од емоциите, од звуците на тапаните, зурлите, ни рече:-На Илинден, секој “лозоровец“, секој Мијак, треба да биде овде присутен на овие два дена, вечерта спроти Илинден и на Илинден, на случувањата тука, во Лазарополе. А, тука срцето се отвора, на музуката од топаните и зурлите од познатата тајфа Мајовци, кои секогаш, којзнае колки долги наназад се со нас. Ние како фамилија долги години го празнуваме Илинден. Јас го паметам празнувањето со мојот дедо Данило Поповски, а сега сум заедно со моето внуче Христијан, кој ме расплака кога со париче ги даруваше Мајовци и при тоа праша што е ова, а тоа е, му одговорив, традицијата, адетот “лозоровски“, која сигурно и тој ќе ја продолжи. Но, сега сакам и да ги поздравам сите битолчани кои ме познаваат додека играв фидбал во Пелистер.После  тоа во ресторанот на хотелот “Калин“ продолжува прославата, а синхронизираните тапанџии и зурлаџии и ритамот на музиката која тера да слушаш, и слушаш без крај… до доцна во ноќта од која сите се на нозе. На прославата многу луѓе од овој крај и нивни гости од секаде за денот Илинден  слава на селото.  Поразговаравме со Жорж Поповски, син на поетот Анте Поповски, кој ни рече:-Тука сме сите заедно да го прославиме Илинден, да ја продолжиме традицијата “лозоровска“, која се надевам дека ја одржуваме и понатаму. Илинден е ден за обединување, ден за празнување, ден за традицијата, ден за наследсвото од минатото, ден за “Тешкото“ на сред село, ден за посета на црквата и гробпвите… Сакам да упатам апел сите да доаѓаат тука, на ова единствено место по местоположба, по “Лозоровци“.Зурлите и тапаните, сигурно ќе им одѕвонуваат во главите на “лозоровци“ уште неколку дена, а на нив ќе се сеќаваат се до следниот Илинден, кој како велат самите уште од денес започнуваат со нетпрение да го очекуваат.А, пред коперација повозрасните се присетуваат колку било тешко да се живее пред еден век тука во Лазарополе, но ете и покрај сите маки кои го виделе, војни, печалби, ограбувања, сепак селото е живо, а нив ги радува што сите се тука на оро, пред “Калин“ сега, или на сред село како викале порано, а космичкото, ги “тера“ да се враќаат, како што беше и за овој Илинден, летото 2022 господово.Камбаните од црквата “Св. Ѓоргија“ на 2 август, рано, го најавуваат големиот Илинден, денот на селото и денот на Илинденското востание. Камбаната се уште е “знакот“ сите да се упатат кон црквата, во која во дворот почиваат коските на Ѓурчин Кокале, а не неговиот гроб, кој посебно го одржуваат “лозоровци“ пишува: колку сме повеќе толку се посилни.

More from ВестиMore posts in Вести »