Press "Enter" to skip to content

Утре започнува Интернационалниот детски театарски фестивал “Битолино“

Утре во Битола ќе започне 11. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Оваа година под мотото „Per astera ad astra“ (Патот до ѕвездите е трнлив) фестивалот за прв пат ќе се одржи во еден нов формат односно претставите ќе се одиграат под отворено небо, на две сцени, на платото на Офицерски дом, дел од „Културен и информативен центар“ во Битола.

Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ а од оваа година, после 10 успешно реализирани изданија, стана дел од Годишната програма за култура на Општина Битола и ќе биде дел од програмата на Битфест 2022.  Логистичка поддршка за фестивалот е од Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.

„Бабец театар“ и покрај економската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа „Бабец“ и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави.

Брендот „Бабец театар“ кој 12 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (11.500) имаше можност да погледне 64 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата.

Оваа година Фестивалот започнува со театарска работилница за изработка на кукли од разни материјали под раководство на актерот Марјан Георгиевски со што ја продолжуваме традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближиме децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто.            

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »